Ќе бидам задоволен кога опфатот со МРП-вакцината ќе биде 95 отсто

444
Фото: Маја Јаневска-Илиева

ИНТЕРВЈУ: ВЕНКО ФИЛИПЧЕ, МИНИСТЕР ЗА ЗДРАВСТВО

Изгубената доверба во квалитетот на вакцините и силната антивакцинална кампања, на која се инсистираше последните десетина години, си го зедоа данокот, вели министерот

Четири месеци едноподруго во Македонија секојдневно се регистрираат новозаболени случаи од морбили. Бргу по појавата на првите случаи во градинка во Радишани во декември лани, на територијата на Скопје беше прогласена епидемија, а од неодамна, епидемија е прогласена на ниво на целата држава.

За овој период од четири месеци, МРП-вакцина примиле 12.848 деца до 14-годишна возраст, а во почетокот имаше 16.360 невакцинирани деца. За тоа дали овој опфат на вакцинација е доволен, за тоа како родителите ги сфатија апелите и обврската кога станува збор за колективниот имунитет, како и за тоа дали ќе се менува политиката во однос на задолжителноста на вакцинацијата, разговаравме со првиот човек на Министерството за здравство, Венко Филипче.

Имаме епидемија на морбили на ниво на државата, со оглед на тоа дека бројот на новозаболени постојано расте. Какви се бројките кога станува збор за вакцинацијата против ова заразно заболување?
Пред четири месеци кога прогласивме епидемија од морбили во општината Бутел, предупредивме дека постои можност епидемијата да се рашири на територија на целата држава. Само да ве потсетам дека кога го сторивме тоа, бевме критикувани во јавноста дека простор за паника нема. И немаше паника, но знаевме дека тоа е исправен чекор и верувам дека ако не го направевме тоа, ситуацијата сега ќе беше поразителна. Прво, затоа што затекнавме вкупно 16.360 деца невакцинирани со МРП-вакцина само во Скопје. Токму во Скопје од почетокот на епидемијата, вкупно се вакцинирани 12.848 деца до 14-годишна возраст. Во другиот дел од државата, од 26.495 невакцинирани деца, досега вкупно се вакцинирани 8.320 деца до 14-годишна возраст со прва или со втора доза.

Тоа значи дека вкупниот број на вакцинирани лица на возраст до 14 години со МРП-вакцина од почетокот на епидемијата во целата држава изнесува 21.168, односно 49 отсто од вкупниот број невакцинирани деца.
Родителите сериозно ги сфатија нашите апели за вакцинација. Но до оваа состојба не требаше да дојде. Изгубената доверба во квалитетот на вакцините и силната антивакцинална кампања, на која се инсистираше последните десетина години, си го зедоа данокот. Родителите го направија единственото разумно решение, ги вакцинираа децата. Но, секако, очекуваме опфат од 95 отсто, само тогаш ќе бидам задоволен. Здравјето на децата е пред сѐ.

Дали ова ги исполни вашите очекувања, односно дали сме блиску до опфатот од 95 отсто колку што е стандардот на Светската здравствена организација?
Кампањата за имунизација е во тек. Се надевам дека многу скоро ќе ги достигнеме тие 95 отсто, кои се неопходни за да се спречат епидемии.
Само со стапка на вакцинација од над 95 отсто од населението, ќе обезбедиме колективен имунитет и ќе биде оневозможено ширење на вирусот меѓу популацијата. Сите деца што се невакцинирани, за да се заштитат од заболувањето, треба веднаш да се вакцинираат. Да потсетам, станува збор за болести што се одамна искоренети токму поради вакцинацијата.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

Велите дека била силна антивакциналната кампања. Дали со оглед на бројките, сега на ова гледате како на своевидна победа против антивакцинерите?
Вакцинирањето е дел од здравствената култура, но и должност и обврска за сопственото и за колективното здравје. Зборувам како лекар и министер, ефектите на вакцините се докажани со сериозни медицински студии и науката дава сериозни аргументи за бенефициите од вакцинирањето. Не постои друга поефективна медицинска технологија што го заштитила и го унапредила човековото здравје како вакцините. Впрочем, токму на новите вакцини, лекови и медицинска технологија се должи продолжувањето на животниот век за 30 години во однос на минатото. Затоа уште еднаш апелирам дека е многу важно да си ги вакцинираме децата.

Кога ќе бидат воведени новите вакцини против рота-вирус и пневмокок и од која возраст ќе се примаат? Од каде ќе ги набавувате, дали ќе ги убедите родителите дека се безбедни и квалитетни?
Министерството за здравство годинава во календарот за имунизација воведува две нови вакцини – вакцина против рота-вирус и пневмококна вакцина. Вакцините се пристигнати и се вметнати во новиот календар за имунизација. Децата со новите вакцини ќе бидат вакцинирани од 1 јули.

Во нашите критериуми за набавка на вакцините, баравме истите тие да бидат произведени во земја-членка на ЕУ, таму да се во употреба и да ги имаат двата сертификата за квалитет од производителот. Тие се одобрени и од Светската здравствена организација (СЗО) и ги исполнуваат сите потребни стандарди. Рота-вирусот предизвикува тешка дијареа и повраќање, што може да доведе до сериозна дехидратација (губење телесни течности), што е особено опасно кај бебињата и помалите деца и може да се јави потреба од престој во болница. Вакцинирањето е најдобар начин да се заштитат малите деца од рота-вирусот. Спречува развој на симптоми на заболувањето: дијареа, повраќање, стомачна болка и дехидратација, а наедно ја намалува потребата од престој во болница. По воведувањето на оваа вакцина во Финска, ниту едно дете не се јавило на лекар со овие симптоми.

Замислете каква бенефиција е тоа за децата. Вакцинацијата се спроведува со орална ротавирусна вакцина во три дози со ставање капки во устата на детето, на возраст од шест недели до 32 недели. Првата доза од вакцината треба да се даде пред детето да наполни 15 недели, додека сите три дози на вакцината треба да бидат примени пред да наполни осум месеци. Пневмококот е бактерија (Streptococcus pneumoniе), предизвикувач на сериозна пневмококна болест. Кај малите деца тие инфекции можат да бидат сериозни, да се комплицираат и да бараат долготраен престој во болница. Сметам дека оваа инвестиција во новите вакцини ќе даде одлични резултати на долг рок.

Дали Министерството за здравство ќе ја менува политиката околу задолжителноста на вакцинацијата? Дали ќе се инсистира на потврда за примени вакцини при упис во прво одделение?
Со министерствата за образование и труд и социјална политика ги договараме деталите за овие здравствени политики, кои се неопходни за здраво население заштитено од болести, кои можат да се спречат со вакцинација. Работиме на измена на правилникот за прием на деца во градинките, бидејќи токму кај децата на таа возраст процентот на невакцинирани е највисок. Да потсетам, и сега, во согласност со важечките закони, Уставниот суд веќе одлучувал по претставки на граѓаните, дека сепак колективното здравје е над индивидуалното и никој по својата волја нема право да го загрозува правото на децата да бидат здрави.