Јас сум Македонец!

701
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Никола Карев за грчкиот весник „Акрополис“ од 8 мај 1903 година

Пишува: Блаже Миневски

Три месеци пред Илинденското востание, Никола Карев дал интервју за грчкиот весник „Акрополис“. Интервјуто е објавено на осми мај 1903 година, еден ден по завршувањето на конгресот на Битолскиот револуционерен округ, кој се одржал од втори до седми мај 1903 година во селото Смилево

Карев иако се спротивставил на прерано кревање востание, активно учествува во подготовките

Како што е познато, Карев учествува во работата на конгресот и се спротивставува на решението за кревање востание, сметајќи дека народот сè уште не е подготвен за тоа. Сепак, по одлуката за кревање востание, војводата Карев, во својство на началник на „Горскиот крушевски штаб“, активно учествува во подготовките и организацијата на востанието. Спроти востанието, тој, во име на штабот, објавува проглас во кој го повикува народот на востание. Ноќта на втори август 1903 година околу 750 востаници, предводени од него, од горскиот началник, го нападнале и го ослободиле Крушево. Но што изјавил Никола Карев три месеци пред тоа за грчкиот весник „Акрополис“?

Бугарија направила лоша сметка ако мисли да нѐ потчини

Според „Акрополис“, Карев рекол дека „Бугарија направила лоша сметка ако мисли да нѐ потчини. Нас единствено нѐ интересира нашата слобода. Комитетот не е бугарски, а Грција да сакаше да ни помогне, ќе прифатевме со цело срце“. На прашањето дали е Македонец, Карев одговара кратко и јасно: „Да!“ Новинарот веднаш потоа сака да поентира со тоа што му вели дека следствено на тоа што тврди дека е Македонец, значи оти е Грк, а Карев уште еднаш подвлекува: „Јас сум Македонец!“ Значи, „директен наследник на Александар Велики, му велам иронично“, запишал новинарот, а Никола Карев повторно одговара со „да“. Во продолжение интервјуто тече брзо, со кратки прашања и одговори, но и со иронични коментари на новинарот: „Aлександар Македонски што беше, ве молам?“ – „Не знам, историјата вели бил Грк.“ – „Тогаш и ти како негов наследник си Грк?“, го прашува новинарот, но Карев не му одговара. – „Значи, тогаш, го прашувам, зошто, кога веќе си Грк, сакаш да се ослободите со помош на Бугарија?“ -„Која Бугарија, мислиш на Комитетот?“ -„Да.“ – „Ти одговарам дека комитетот не е Бугарски и, второ, можеби изгледа како да сме наклонети кон Бугарија, зашто само таа покажа расположение да ни помогне. И Грција ако го правеше истото, ќе прифатевме со цело наше срце.“ – „Бугарската заштита ја гледате само површно. Тие не сакаат да ве ослободат од турско ропство туку да ве поробат.“ -„Хм! Ако Бугарија мисли да нѐ претвори во нејзина провинција, си направила лоша пресметка. Инаку, нас не нѐ интересира што мисли Бугарија, обрнуваме внимание само на следното ’си ја постигнуваме ли целта, си ја добиваме ли слободата’, не нѐ интересира дали ќе нѐ ослободи Грција или Бугарија, и единствено што може некоја од нив да добие од нас е благодарност.“ -„Добро ако се ослободите, што сакате да бидете, автономија?“ -„Да…“, вели Карев, а новинарот повторно се обидува да го ’турне’ во својата веќе поставена стапица: „Како што се изјасни погоре, Македонија е грчка земја, а ако секоја грчка земја побара да биде автономија, тогаш ослабнува Грција, а тоа го сака Панславистичката Етерија.“ – „Зошто го бара“, прашува Карев. -„За еден ден да нѐ пороби и нас и вас и да ни најде слаби точки за да го стори тоа полесно, му велам.“ Карев за момент изгледаше замислено, а јас побрзав да го прекинам молчењето: „Зошто не сакате да се обедините со Грција?“- „Затоа што ако нѐ земе, Грција ќе стане една голема држава, следствено монархија.

Во таков случај ќе произлезат многу зла. Второ, Грција ќе нѐ натера да војуваме со Бугарија, а ние не сакаме.“ – „Вие што сакате?“ Ми ја покажува капата: „Сакаме Република!“ -„Демократија и пријателство со Бугарија“, прашува новинарот. – „Не само со Бугарија туку и со секој што ќе ни помогне да се ослободиме“, одговара Карев. „Со Бугарија сакате да се обедините?“ -„Не!Не!“, реагира Карев. -„И тоа ли го проповеда Комитетот?“, продолжува новинарот. -„Да“, одговара Карев. – „Тогаш зошто Комитетот, кој толку многу се грижи за вашата независност, не бара заштита од Грција, која има поголема должност да ве ослободи, туку се приклонувате кон варварите?“- „Да ви одговорам веднаш. Ние личиме на човек што паднал во морето и се наоѓа во опасност, секој момент да се удави… Овој човек за да се спаси, ќе се фати ли за што ќе најде во тој момент пред себе, дури и за змија? Во таква положба сме ние, дури и Турчин да ни пружи рака за спас, ќе ја грабнеме со благодарност.“

„Ништо друго освен да ја продолжиме борбата!“

„Но грчките првенци, свештеници и учители зошто ги убивате кога немате ништо против никој“, продолжува новинарот. -„Тоа се лаги, – одговара Карев, -Комитетот не убива само Грци, туку и Бугари, и Срби, и Турци, и секој што нѐ предава.“ -„Тоа се изговори за гревовите! Уништивте многу грчки патриоти, затоа што не даваа пари за тој ваш комитет!“ – „Таквите работи ги измислувате вие, Грците, како и другите.“ -„Кои други?“ -„Ете тие, во Солун! Поставивте луѓе за да го направат тоа што го направија, за да го оцрните Комитетот (станува збор за Солунските атентати н.з.)“, вели Карев, а новинарот веднаш по неговиот одговор го дава следниот опис: „Не можев да се воздржам. Страшно се насмеав, што предизвика љубопитност кај сопственикот Таку Квата, кој ми се приближи и ме праша: ’Што ти вели?’ Тоа и тоа, му одговорив…“ – „Да, да, ова што ви го велам јас, повтори Карев, е едно дрво што ја проби земјата и израсна. Зошто да не го вадат сите за да порасне?“ -„Да, но знаете со што го вади Бугарија, му велам. Со отров кон грцизмот!“ -„Да, но ова полевање нас нѐ натера да ги свртиме гранките кон страна кон која, признаваме, не нѐ врзува ништо и да бегаме од вас, со кои немаме иста крв и историја. Ова е на некој начин протест против грчкото интересирање за нас.“ -„Ова што го велиш е резултат на бугарското ’полевање’, зашто Грција никогаш не престанала да ве поддржува и со писменост, и со оружје.“ Карев пак не ми одговори. -„И сега, по последните настани, што мислите да правите, го прашав (се мисли на т.н Горноџуманско востание од есента 1902 н.з.)“ -„Ништо друго освен да ја продолжиме борбата.“ -„Да, но знаете ли дека зад таа борба се крие подла и нечесна борба?“ -„Тоа нас не нѐ интересира! Доволно е да си ја постигнеме нашата цел.“ -„Значи и со убиства?“ -„Штом се вршат за доброто на еден народ.“ -„Имате право, какви учители имавте, такви лекции научивте.“ Карев пак не ми одговори.

Стана и полека излезе од собата, а зад него сите гости во хотелот на разни начини ги коментираа неговите зборови, завршува интервјуто објавено во весникот „Акрополис“ на 8 мај 1903 година, а реализирано, како што стои во самото интервју, во хотелот на Таку Квата. Разговорот е воден пред Смилевскиот конгрес, значи пред втори мај 1903 година. Две години подоцна, на 27 април 1905 година, Никола Карев е убиен кај месноста Свиланово, Кочанско, заедно со многу борци од неговата чета. Посмртните останки во 1953 година, по повод одбележувањето на педесетгодишнината од Илинденското востание, биле пренесени во Крушево, а подоцна во самата купола на споменикот „Илинден“, односно „Македониумот“, споменикот што ги означува непокорноста, борбата и вечниот стремеж на македонскиот народ за слобода и самостојна држава.


Каде бил хотелот во кој е водено интервјуто во Карев?

Сопственик на хотелот во кој новинарот на атинскиот весник „Акрополис“ разговарал со Никола Карев пред 117 години бил Ташку Квата, Влав по потекло од Крушево, кој најверојатно и ја овозможил средбата. Кога се водел разговорот не се знае точно, но тоа сепак морало да биде барем десетина дена пред да биде објавен, односно десетина дена пред 8 мај 1903, затоа што во меѓувреме Карев учествувал во работата на Смилевскиот конгрес, а потоа веќе бил во илегала, па никако не можел така слободно да шета по Битола и да разговара пред гости со извесен новинар, дописник на весникот „Акрополис“. Инаку, според историчарите, раководителите на Македонската револуционерна организација во принцип не контактирале со новинари, а единствен исклучок се познатите интервјуа на Јане Сандански и на Даме Груев, но дадени во многу различни околности. Дали интервјуто на Никола Карев е единствено интервју направено со еден раководител на организацијата пред Илинденското востание, допрва треба да се потврди. Во тој контекст е и дилемата дали хотелот каде што било направено интервјуто би можел да биде хотелот „Шарк“, познат по својот црвен салон, завеси и килими, кој во почетокот на минатиот век бил преименуван во хотел „Босна“. Меѓу неговите газди се спомнува и некојси Ташку, кој можеби е токму Ташку Квата (?!). Хотелот имал голема главна сала за двесте лица и сепаре за посебни гости, а во него гостувале врвни уметници, оркестри, танчарки и танчарски групи. Хотелот изгорел во пожар во 1936 година, а сега на тоа место се наоѓаат кружните клупи пред Домот на културата во Битола.


Сто и тринаесет години подоцна

Издавачот на весникот „Акрополис“ жив изгоре во својот автомобил!

Пред нешто повеќе од четири години издавачот на истиот тој грчки крајно десничарски весник „Акрополис“, Панајотис Маврикос, жив изгоре во својот автомобил. Според информацијата што ја објавија средствата за информирање, инцидентот се случил на обиколница кај Атина, откако неговиот џип „порше кајен“, од непознати причини, се запалил во движење. Инаку, издавачот на „Акрополис“ е меѓу обвинетите во кривичноправниот случај „новинари рекетари“. Во февруари тој беше уапсен, но веднаш потоа и ослободен. Властите тогаш информираа дека група новинари формирале криминална група и неколку години од повеќе државни службеници од јавните претпријатија со изнуда добивале пари за реклами. Полицијата работи на сите верзии од инцидентот, а не ја исклучува и можноста за намерно палење или поставена бомба.