Јамка од свилен конец за МПЦ

941

Засега од СПЦ официјално не соопштуваат каква одлука донеле и под кои услови го замислуваат идниот дијалог со МПЦ. Но, според неофицијални најави од црковен Белград, со кои веќе се запознаени и црковните кругови на МПЦ, сосема е
јасно дека СПЦ ќе се обиде да понуди воскреснување на пропаднатиот Нишки договор, но овој пат повеќе во улога да им најде место и решение на расколничката Православната Охридска архиепископија (ПОА) на Јован Вранишковски и на расчинетиот владика од МПЦ

Владиците на Македонската православна црква – Охридска архиепископија мора да останат доследни на својата историска одлука да се изборат за признавање на автокефалноста на нашата црква преку апелациската постапка што пред една година ја поведоа пред Вселенската патријаршија, која само пред десетина дена одлучи да ја стави на дневен ред за разгледување. Затоа, според верските аналитичари, секоја одлука што ќе ја донесат македонските владици, по евентуалната одлука на Српската православна црква да ги возобнови разговорите со МПЦ, треба да биде јасна и прецизна, за да излезат достојни чувари на духовноста, изворната вистина и суштината на својата национална православна црква.

Верските аналитичари и црковните великодостојници сметаат дека ваквата одлука на Вселенската патријаршија е прв позитивен чекор по долго време, кој се надеваат дека ќе однесе кон крајната цел за решавање на канонскиот статус на МПЦ. Тие немаат дилема дека овој процес навестува почеток за решавање на нашето црковно прашање, и тоа токму преку Цариград.

Од МПЦ-ОА, пак, многупати досега истакнале дека остануваат на ставот дека решението на црковниот статус е само признавање на автокефалноста во суштинска смисла, зашто црковниот живот во Македонија, всушност, е континуитет од некогашната Охридска архиепископија, возобновена во лицето на МПЦ-ОА.

Засега од СПЦ официјално не соопштуваат каква одлука донеле и под кои услови тие го замислуваат идниот дијалог со МПЦ. Но, според неофицијални најави од црковен Белград, со кои веќе се запознаени и црковните кругови на МПЦ, сосема е јасно дека СПЦ ќе се обиде да понуди воскреснување на пропаднатиот Нишки договор, но овој пат повеќе во улога да ѝ најде место и решение на расколничката Православната Охридска архиепископија (ПОА) на Јован Вранишковски, односно расчинетиот владика од МПЦ, отколку да ја прифати реалноста дека МПЦ е на прагот од добивање автокефалност со томос потпишан токму од вселенскиот патријарх Вартоломеј.

– Намерата на црковен Белград е дијалогот за кој најавува обновување всушност е да се води меѓу МПЦ и ПОА. Крајниот резултат би подразбирал МПЦ да го прифати Нишкиот договор и да се соедини со ПОА, па потоа заедно да бараат автокефалност од СПЦ, а СПЦ, пак, на некој нареден собор да одлучи што ќе прави – велат црковни извори.
Според верските познавачи, СПЦ ќе испорача список на желби, кои ќе бидат услови, но тоа ќе биде само уште еден обид за нова, веројатно последна стапица што ја прави СПЦ, која ако МПЦ ја прифати ќе ги изгуби аргументите пред Вселенската патријаршија.

[email protected]