Јазикот е од суштинско значење за националниот идентитет

1532
Фото: Игор Бансколиев

Националните и цивилизациските аргументи во делото на св. Кирил и Методиј

Многу е важно делото на светите Кирил и Методиј во зачувувањето и докажувањето на автентичноста на македонскиот јазик. А јазикот отсекогаш, впрочем и во сегашниот миг, бил од суштинско значење за националниот идентитет

Денот на свети Кирил и Методиј првпат бил одбележан во Македонија во 1860 година, во црквата „Св. Богородица“ во Скопје. Она што всушност претставува суштината на овој празник е есенцијално поврзано со почетокот на создавањето на книжевниот македонски јазик, како еден од најважните елементи според кој се препознава и македонскиот национален идентитет. Иако св. Кирил и Методиј се признаени и се слават како сесловенските просветители и учители, а нивниот ден – 24 Мај (денот кога почнала Моравската мисија) е македонски државен празник, нивното дело, создавањето на првата словенска азбука – глаголицата, претставува извориштето, основата од која понатаму тргнале по својата развојна линија да се формираат денешните современи словенски јазици, како и на македонскиот јазик. Во 11 век црквата го прогласила 24 мај (11 мај по стар стил) за ден на светите просветители Кирил и Методиј. Датумот е избран бидејќи го означува датумот кога почнала Моравската мисија. Во актуелниот контекст на македонската општествена реалност, постојано бранувана од политички превирања и апсурдни уцени и барања од страна на Грција, кои навлегуваат во македонскиот идентитет, токму и посебноста на македонскиот јазик честопати е подложена на меѓународни искушенија и оспорувања. Тоа најчесто се манифестира во реакциите на соседите на Македонија, во последно време и во обидите за решавање на наметнат спор од Грција за името на нашата државата (во што се вклучуваат и идентитетот и јазикот), но и како дипломатски подметнувања од Бугарија на големи меѓународни настани, и покрај ратификуваната Спогодба за добрососедство и пријателство. Во таков актуелен политичко-меѓународен миг, се чини дека делото на браќата Кирил и Методиј, од 9 век, повторно станува аргумент за автентичноста на македонскиот јазик.

– Многу е важно делото на светите Кирил и Методиј во сочувувањето и докажувањето на автентичноста на македонскиот јазик. А јазикот во сегашниот миг (впрочем и секогаш) е од суштинско значење за националниот идентитет. Во славистиката е официјално прифатено дека јужномакедонските говори од 9 век се основата на старословенскиот книжевен јазик, чија основа ја даваат токму солунските браќа Кирил и Методиј, со создавањето на азбуката глаголица. И тоа не го тврдиме само ние, македонските слависти, туку тоа е прифатено и за тоа се говори и на сите меѓународни славистички конгреси. Во науката е изграден ставот за тоа, но и понатаму е многу важно да се дискутира и македонските лингвисти како најмеродавни научни фактори да излезат со единствен став за автентичноста и посебната историска развојна линија на современиот македонски јазик. Ако е докажано дека во тој старословенски јазик е нашата основа (јазична, па и идентитетска), апсурдно е во 21 век да се зборува и да се преиспитува тоа – смета професорката по средновековна книжевност, која го проучува делото на Кирил и Методиј, Вера Стојчевска-Антиќ.
И покрај важноста на делото на Кирил и Методиј за националните и за јазичните прашања на Македонија, тоа секако не го ограничува, ниту намалува нивното сесловенско, меѓурелигиско, па и цивилизациско значење.

Имено, денот на светите браќа Кирил и Методиј секоја година се чествува и во Ватикан, а македонска делегација оди на посета кај папата.
– Во овој нов, современ меѓународен контекст потребно е малку повеќе да се популаризира и актуализира делото на браќата Кирил и Методиј, но не веќе на романтичарски начин, како во 19 век. Потребно е да се истакне моментот дека книжевниот јазик, односно јазикот пишуван со азбуката што ја создале Кирил и Методиј, претставува библиски јазик.

Имено, низ историјата еден јазик добивал свој легитимитет и станувал светски признаен кога ќе добиел свој превод на Библијата. А браќата Кирил и Методиј ја превеле и ја запишале Библијата на тој старословенски јазик. Со тој чин веќе му дале една универзална димензија на јазикот и во денешно време за припадноста на солунските браќа не треба да говориме со формата „или-или“ (наш, ваш, нивни), туку со „и-и“. Тоа е новата современа европска димензија на нивното дело, која треба да нѐ зближува сите во регионот, за да го добие заслужениот третман на цивилизациска придобивка. Кога Ватикан го почитува и слави нивното дело, треба и ние Македонците, односно македонската култура, (секако и онаа на соседите), да се еманципираме и да ја докажеме неговата универзална вредност – вели професорот, македонски лингвист, Људмил Спасов.

Колку е извонредно важна и суштинска мисијата на светите браќа говори фактот што денес тие се патрони на Европа – признание дадено од Ватикан за да се истакне нивното значење за единството на европските народи.


Моравската мисија – пресудна за словенската писменост

Кирил и Методиј се родени во Солун во угледно и богато византиско семејство, од татко Лав и мајка Марија. Најстариот од седумте деца, Методиј е роден околу 815 година, а најмладиот Константин во 826/27 година.

За двајцата браќа најважна е Моравската мисија, која е важна и за иднината на сите Словени. Иницијативата за оваа мисија ја дал моравскиот кнез Ростислав, кој за да ја стабилизира својата држава на политички план презел мерки за решавање на црковното прашање. За организација на црквата во својата земја тој побарал помош од Византија. Имено, побарал да му испратат луѓе што ќе го проповедаат божјото слово на разбирлив словенски јазик. Уште барал и епископ што би ја организирал црквата да стане самостојна во однос на Рим. Но, и Византија имала свој интерес, па во тоа време на заострување на односите во самата христијанска црква, а за да не дојде до натамошен раскол, му испратиле само учители мисионери, а не и епископ. Тие мисионери биле Кирил и Методиј. Но тогаш Словените немале букви, така што Кирил морал да состави и азбука и да ги преведе неопходните книги на словенски јазик. За составување на оваа прва словенска азбука (глаголицата) и за првите преводи од грчки на словенски јазик, Кирил го искористил јазикот на македонските Словени од Солун и околината.

Во Моравија, Кирил и Методиј биле пречекани со воодушевување од страна на кнезот Ростислав, но и со жесток отпор од страна на германските свештеници. Тие ги обвинувале солунските браќа затоа што службата ја изведувале на словенски јазик, тврдејќи дека божјото слово треба да се проповеда само на три јазици: еврејскиот, грчкиот и латинскиот.

Поради ваквите пречки во работата, двајцата браќа тргнале за Рим со намера лично пред папата да ја образложат својата дејност и да ги оспорат многуте клевети.
На патот кон Рим минале низ Панонија каде што кнезот Коцел бил одушевен од нивната служба и посакал и во неговото кнежевство службата да се изведува на разбирлив словенски јазик. Потоа, стигнале во Венеција каде што Кирил имал остра полемика во одбрана на правото сите народи, за и Словените на свој јазик да ја изведуваат богослужбата.

Во Рим, браќата биле пречекани со голема свеченост, уште повеќе затоа што со себе ги носеле моштите на папата Климент Први. Поради мудроста и пожртвуваноста на Константин и Методиј, поради нивната мисија за ширење на христијанството и поради честа што му ја направиле на починатиот папа Климент Први, папата Адријан Втори го ракоположил Константин за свештеник, а неговите ученици за презвитери и ѓакони. На Константин му било дозволено да изведе богослужба на словенски јазик, црковните книги што биле преведени на словенски јазик и писмо биле оставени на поклонение во еден од римските храмови, а преводот на Библијата бил осветен од папата што дозволил во Велика Моравија и во Панонија да се богослужбува на словенски јазик.
Во Рим, Константин тешко се разболел. Се замонашил во февруари 869 година и по педесетина дена починал. Непосредно пред смртта го примил монашкото име Кирил.
Неговото тело со високи верски почести било положено во црквата „Св. Климент“ во Рим каде што се наоѓа до денешни дни.

Методиј, со архиепископски чин, се вратил во Велика Моравија за да продолжи со мисијата. Заедно со своите ученици, дејноста ја вршел со големи тешкотии поради силниот притисок од германското духовенство, сѐ до смртта во 885 година.