Јавно обвинителство по мера на правото, а не на политиката

454
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Што мислат правниците за новиот предлог-текст на законот за јавно обвинителство, кој денес влегува во собраниска процедура, постои ли можност за нов политичко-партиски пазар, испочитувана ли е процедурата за назначување и избор на обвинителите и колку сите овие елементи се во релација со заложбите за независност и ефикасност на правниот систем

Новиот закон за јавно обвинителство, според категоричната најава на премиерот Заев на петочната прес-конференција во Владата, од денеска влегува во собраниска процедура, по пропаднатиот обид за лидерска средба. Овој закон во македонската јавност сѐ повеќе се претставува како „материјален доказ“ дека во општеството се преземаат сериозни активности за реформи во судството, пред сѐ насочени во борбата против организираниот криминал и високата корупција, кои, пак, се (уште еден) неприкосновен услов на ЕУ за во октомври (наводно) Македонија да го добие ветениот, па одложен, датум за почеток на преговорите за членство во ЕУ. Според новиот предлог-текст на законот за јавно обвинителство, кој по скратена постапка влегува во собраниска процедура, СЈО треба да се интегрира во веќе постојното Обвинителство за организиран криминал, кое во својот наслов би добило дополнителен опис „и за висока корупција“, со што на некој начин би се вратило во редовниот судски систем. Како што објасни премиерот, со ова обвинителство со дополнети ингеренции ќе раководи досегашната прва обвинителка за борба против организиран криминал, Вилма Рускоска, а целиот тим, ресурси и предмети од СЈО (освен донеодамнешната „прва дама“ во оставка, Катица Јанева) ќе ги преземе старо-новата институција. Одлуката на премиерот да пресече со меѓупартиските догoвори и законот да го испрати во собраниска процедура, е далеку од тоа дека се исклучени понатамошните неизвесности до неговото стапување во сила.

Очекувањата се дека Владата на денешната седница (вторник, 23 јули) ќе усвои предлог-законот, по што Министерството за правда, како предлагач, ќе го испрати во Собранието. Од Министерството за правда велат дека очекуваат пратениците своите ставови да ги кажат во Собранието, а ако имаат забелешки и да поднесат амандмани, како и неопходното двотретинско мнозинство за негово усвојување да биде изградено во парламентот… Од тој миг на „градење двотретинско мнозинство“, повторно се доведува во прашање независноста на судството од политичките влијанија. Имено, суштината на судските реформи што ги бара ЕУ е токму воспоставување независност и интегритет на третата влас и отпорност на политички влијанија. Но се чини дека, иако не беше постигната политичко-партиска согласност за предлог-законот на лидерска средба, политичкиот пазар на интереси ќе се префрли во Собранието.

– Кога некој закон се прави со лидери на политички партии, не може да се зборува за оттргнување од политичкото влијание од правниот систем. Актуелниов предлог-закон за јавно обвинителство повторно се работи далеку од експертската јавност, Министерството за правда дава бирократски изјави, а правни маргиналци излегуваат со свои оцени во јавноста. И се сомневам дека со овој закон ќе бидат избегнати политичките пазарења за да се создаде јавно обвинителство, кое во себе ќе го интегрира СЈО, според нечија мера, независно дали таа „мера“ ќе биде на власта, опозицијата, на ЕУ или на САД… Истото важи и за изборот на првиот човек на обвинителството. Во делот на однесувањето на обвинителите кон таквите политички влијанија, и односот кон нивната работа, тоа и понатаму најмногу ќе зависи од личниот интегритет и стручна подготвеност за да успеат да го задржат и интегритетот на професијата – вели Дане Илиев, поранешен претседател на Врховниот суд.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

Штом ќе влезе предлог-законот во Собранието и ќе ги мине пропишаните процедури, владејачкото мнозинство може да го изгласа законот и без поддршка од 35-те пратеници од ВМРО-ДПМНE. Но за да стигне до потребното мнозинство од 80 гласа, неопходни се гласовите од осумтемина од независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ, како и од албанските партии со помалку пратеници, Алијансата за Албанците и Беса. Осумте независни пратеници, кои беа исфрлени од ВМРО-ДПМНЕ кога го поддржаа Преспанскиот договор, сега тактизираат и велат дека сѐ уште не го прочитале предлог-законот за ЈО. Од Алијансата за Албанците велат дека за нив е прифатливо само доколку на чело на новото обвинителство дојде човек назначен од Европската Унија, додека, пак, од Беса изјавуваат дека нема шанси да го поддржат предложеното законското решение, доколку не претрпи битни измени. Од опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ и понатаму не се откажуваат од идејата да подготват свој закон за јавно обвинителство, кој самите ќе го предложеле пред пратениците.

Се чини дека ставањето на овој предлог-закон во собраниска процедура го отвори меѓупартискиот политички пазар, но и прашањата во јавноста за решенијата предложени во законскиот текст со кој се одредува иднината на СЈО, можноста за остварување независност на правниот систем од политичкиот, персоналните решенија во старо-новото обвинителство, како и коректноста на процедурата за избор на обвинителите… Покрај сето тоа, експертската јавност смета дека и понатаму со овој предлог-закон се остава можноста за корупција, сѐ додека се оставаат „специјални“ права за обвинителите во истрагата.


Обвинителска или судска истрага

Како долгогодишен правник со искуство, не сум приврзаник на обвинителска истрага. Во нашата правна историја имаме речиси стогодишна практика на судска истрага, што е изменето со Законот за кривична постапка од 2010 година, кога истрагата ја презема обвинителството. Таквото решение во голема мера е во спротивност со нашиот устав, па и со Конвенцијата за човековите права. Стапицата во обвинителската истрага е што доказите повторно треба да се докажуваат пред судот – односно има двојно докажување, додека сѐ што ќе спроведе истражен судија е доказ пред судот. Покрај тоа со можноста за продолжување на притворот, се кршат одредби од Конвенцијата за човекови права, а токму притворот е изворот на корупцијата. Мислам дека дури сега ќе се отвораат коруптивни афери поврзани со притворите, смета поранешниот врховен судија, Дане Илиев.