Шумски градинки како алтернатива за таблетите и за мобилните телефони

1016

Децата во шумските градинки не само што добиваат чист воздух и природна светлина туку на тој начин им се развиваат и имагинацијата, самостојноста, креативноста, координацијата, рамнотежата, физичката сила, сензорната интеграција и менталните способности

Во време кога децата уште од најмала возраст се соочуваат со наплив на модерната технологија, станувајќи зависници од таблетите и од мобилните телефони, токму градинките се местата каде што треба да им бидат понудени поинакви содржини, кои ќе ги оттргнат од овие лоши навики.
Неодамна во градинка во Велес беше отворен сензорен двор-градина, каде што кај децата преку разни реквизити и игри ќе се стимулира сензорниот и моторниот развој. Слични активности има и во другите градинки, каде што децата се учат на разни вештини, преку засадување мали градини во дворот на објектот каде што престојуваат или преку изработка на реквизити од рециклирани материјали.
Тоа, во најголем дел, се практиките што на отворено се одвиваат во нашите градинки, но европски тренд, кој полека се шири и во соседството, е отворањето т.н. шумски градинки.

Во нив децата го поминуваат денот во шума и подоцна, кога ќе се вратат дома, се чувствуваат многу поопуштено и мирно, бидејќи ја трошат енергијата при престојот на отворено. Концептот на шумската градинка е таков што децата, наместо во класичен ѕидан објект, се собираат наутро во некоја блиска шума, во која одреден простор се користи како постојана база, каде што може да има некаков импровизиран објект или дрвена колиба, од каде што почнуваат сите активности.
– Кога првпат ми кажаа за можноста детето да го носам во шумска градинка бев скептична. Се плашев дека ќе настине, ќе плаче, ќе се уморува… Но веќе по неколку дена детето само почна да прашува кога ќе оди во шума со другарчињата да берат цвеќиња, да ги набљудуваат птиците, да прават куќички од гранки и да пеат – вели Јасна Велковска, Македонка што живее и работи на југот на Германија.
Според неа, овој начин на анимација е добар за децата, бидејќи повеќе време минуваат во природа и со тоа ја подобруваат психофизичката состојба.
– Веќе две години оди во оваа градинка и дали два-три пати настина. Дури имам впечаток дека станува поотпорно. Понекогаш се вклучуваат и родителите и заедно со воспитувачите им правиме на децата да им биде уште поинтересно – додава Велковска.

И психолозите сметаат дека подолгиот престој во природа е добар за детското здравје.
– Престојот во природа е дел од сите традиционални пристапи во одгледувањето на децата. Предностите се неброени, а токму тоа им недостига на денешните деца, кои често се одгледуваат пред екраните, во трговските центри и со забрани за кои родителите неретко мислат дека со нив ги заштитуваат децата. Но природата нуди опкружување што му е потребно на секое дете за вистински да се развива во најдобра верзија на себе – вели Франческа Миличевиќ, психолог.
Според неа, децата во шумските градинки не само што добиваат чист воздух и природна светлина туку на тој начин им се развиваат и имагинацијата, самостојноста, креативноста, координацијата, рамнотежата, физичката сила, сензорната интеграција и менталните способности.

– Нема готови играчки, па помалку се фокусирани на предметите, а повеќе на односите. Често мора да соработуваат за да создадат забава и така учат да ги решаваат конфликтите, да остваруваат блискост и да пронаоѓаат нови креативни начини да стапат во однос еден со друг – додава Миличевиќ.
Токму таквиот начин на развој е она што често им недостига на денешните генерации, кои решението за секој проблем го бараат на Гугл или Јутјуб. Шумските градинки се обидуваат да ја разбудат важноста од сфаќањето на детството онакво какво што треба да биде – искрено, спонтано и природно.

Така и иницијативите во градинките во земјава се во таа насока, децата да почнат да стануваат самостојни уште од мали нозе, способни да наоѓаат решенија во секој момент и на секое место, што, од друга страна, придонесува и за нивниот правилен развој. Само така во иднина ќе добиваме способни генерации што ќе умеат да ги решаваат проблемите, а не да чекаат некој друг да им ги реши. Токму такви генерации ѝ се потребни на оваа држава.