Што е постаро – правото на протест или правото на слободно движење?

66
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Пред извесно време, Владата подготви предлог-закон со кој сакаше да го ограничи правото на протест преку зголемување на минималната бројка на граѓани што може да протестираат и да блокираат од 20 на 50 луѓе, како и да воведе ограничувања во делот на локациите каде што може да се протестира, а по реакцијата на дел од јавноста предлогот беше повлечен. Но постои и дел од јавноста што мисли поинаку

Блокирани сообраќајници, истурени овошје, зеленчук и други продукти на јавни површини, трактори паркирани на патиштата се некои од начините на кои граѓаните сè почесто го искажуваат своето незадоволство од одредени состојби и мерки што властите одбиваат или се обидуваат да ги спроведат во државава, а сето тоа е најизразено во главниот град, каде што поради големата концентрација и динамика на населението, блокирањето и само на една сообраќајница предизвикува сообраќаен колапс.
Протестите на пазарџиите поради зголемените цени за паркирање е последното вакво случување, а им претходеа голем број, од различни фактори мотивирани, протести и контрапротести со блокади на сообраќајот. Токму затоа, се присутни стравувања дека со наближување на денот на изборите, своето незадоволство поинтензивно би можеле да почнат да го искажуваат различни групи граѓани, како и политички и социјални групации.

Од друга страна, Владата пред извесно време подготви предлог-закон со кој сакаше да го ограничи правото на протест преку зголемување на минималната бројка на граѓани што може да протестираат и да блокираат од 20 на 50 луѓе, како и да воведе ограничувања во делот на локациите каде што може да се протестира, а по реакцијата на дел од јавноста предлогот беше повлечен. Но постои и дел од јавноста што мисли поинаку.

– Не оспорувам ничие право да протестира, но и јас имам право да стигнам на работа навреме. Еве, неколку дена доцнам на работното место и ми одбиваат од плата за доцнење. Кој ќе ми го надомести мене тоа – прашува скопјанецот Атанас Коцевски.
Тој додава дека сите имаат некаква мака, но пораката од протестот треба да се испрати на вистинското место.

– Ако во случајот пазарџиите имаат проблем со ПОЦ, нека одат пред нивното седиште и нека ги блокираат нив. И мене поранешната компанија ми остана должна осум плати, па сега што треба да правам? Да соберам 20 колеги и да го блокираме целиот град? Сметам дека тоа не е во ред. Вака наместо симпатии, само го навлекуваат револтот на обичните граѓани – нагласува Коцевски.

Некои од социолозите сметаат дека ваквиот начин на протестирање, со блокирање на сообраќајниците, им оди во прилог токму на оние против кои се протестира.
– Ваквиот начин на протестирање со блокирање не ја постигнува целта, туку е во функција на оние против кои се протестира. На протестите повеќе ја нема онаа енергија, туку се излегува само да се протестира и да се блокира – вели социологот Илија Ацевски.

Според него, во време кога се регистрира огромно загадување на воздухот, дополнителното блокирање на сообраќајниците само ја влошува ситуацијата.
– Замислете го тој метеж, десетици илјади возила пренасочени и застанати во долги колони чии мотори работат и испуштаат штетни честички. Внатре нервозни возачи, кои постојано свират и малку недостига да дојде до физичка пресметка помеѓу оние што блокираат и оние што се обидуваат да се протнат низ сообраќајниот хаос. Треба да постојат некакви елементарни правила, кога е загадено да не се блокира сообраќајот – порачува Ацевски.