Што ги брка младите од Македонија

823
Фото: Игор Бансколиев

ИСТРАЖУВАЊЕ НА ГЕРМАНСКАТА ФОНДАЦИЈА „ФРИДРИХ ЕБЕРТ“

Македонија веќе со години се бори да ги задржи младите во земјата и да создаде подобри услови и нивна перспектива. Иако сите политички гарнитури досега без исклучок во своите програми, но и предизборни ветувања се залагале за подобрување на стандардот, а со тоа и животот на младите во земјава, сепак недостига вистинска стратегија за враќање на веќе иселените, но и каков било план за спречување на понатамошен одлив на младите од земјава. Притоа и натаму најголем проблем за младите претставуваат невработеноста, корупцијата и партизирањето, но и одолжувањето на ЕУ-интеграцијата на земјава. Овие заклучоци, впрочем, се забележани и во последниот извештај на германската фондација „Фридрих Еберт“ објавен неодамна. Во германската студија, која се однесува на состојбата на младите во шест земји од Западен Балкан, во однос на нивните врсници од четири земји од Југоисточна Европа, кои се членки на ЕУ се најде и Македонија. Во извештајот се наведува дека невработеноста е типичен проблем за целиот регион.

Според анализата, на прво место е сепак Косово со 43 отсто од младите, кои немаат работа. На второ место е Албанија со 41 отсто, по неа следува Босна и Херцеговина со 39 отсто, па потоа се Црна Гора со 29 отсто и Македонија со 26 отсто. Најниско ниво на невработеност од 20 отсто има во Србија. Но оваа земја, како што наведува истражувањето, има проблем што најголем процент од младите што имаат работа, дури 61% од нив, работат само на одредено време во таканаречениот слободен сектор, што значи дека немаат сигурна работа.

Понатаму во анализата на германската фондација „Фридрих Еберт“ во споредба со шесте земји од Западен Балкан, кои се членки на ЕУ – Словенија, Хрватска, Бугарија и Романија, се наведува дека просекот на степенот на невработеност таму е 16 отсто. Општо гледано, невработеноста е поголема кај младите чии родители имаат низок степен на образование и доаѓаат од посиромашни семејства, додека оние што работат, во принцип, се од подобро стоечки семејства. Во извештајот исто така е наведено и дека корупцијата, непотизмот и партизирањето имаат голема улога за отселувањето на младите од земјите од Западен Балкан.

– Барањето врски и плаќањето мито се широко распространети и прифатени во целиот регион на Југоисточна Европа. Голем број млади (80 отсто во Србија, 74 отсто во Црна Гора и 72 отсто од БиХ и Македонија) наведуваат дека постојат случаи на купување испити и дипломи, се наведува во извештајот. Во исто време, анкетата покажува дека во многу земји од Западен Балкан за да се дојде до работа пресудно е членство во одредена политичка партија. Тоа е најраширено во БиХ, каде што 77 отсто од младите потврдиле дека членството во политичка партија е „многу важно“ во потрагата по работа. Тоа е поврзано и со фактот дека младите најмногу сакаат да се вработат во јавниот сектор. Токму во однос на оваа тема има најголема разлика во однос на земјите-членки на ЕУ, во кои 33 отсто од младите наведуваат дека за барање работа е важна партиската припадност. Но уште поважни, како што се наведува анализата, од партиската припадност се врските и познанства.

Степенот на квалификација игра подредена улога. Во тој сегмент во земјите од Западен Балкан, БиХ е на прво место со 86 отсто, Србија со 78 отсто е втора, а Македонија на трето место со 77 отсто, при што не заостануваат многу ни земјите-членки на ЕУ, Хрватска, Словенија, Бугарија и Романија со 67 отсто. Но факт е дека овој вид корупција е значително поприсутна во земјите што не се членки на ЕУ, што укажува на тоа дека нивото на европеизација, поврзано со перспективата за членство, има влијание на намалување на корупцијата.

Инаку, студијата за младите во Југоисточна Европа 2018/2019 г. е базирана на податоци собрани на репрезентативен примерок. Испитани се околу 10.000 млади луѓе од десет земји на возраст од 14 до 29 години.


Власта и опозицијата го вперија прстот едни кон други

КАКО ГЛЕДААТ СДСМ И ВМРО-ДПМНЕ НА ИСТРАЖУВАЊЕТО

Фото: Дарко Андоновски

Во однос на посоченото во последниот извештај на фондацијата „Фридрих Еберт“ за состојбата на младите од Западен Балкан, но и во Македонија, нашиот весник побара мислење од двете најголеми партии, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, да објаснат кој е нивниот став за ваквите оцени за земјава во однос на состојбата и перспективата на младината во земјава. Ги прашавме и со која стратегија или план би им го подобриле животот на младите во земјава, но и како тие би ги запреле одливот на мозоците од Македонија и миграцијата кон ЕУ, со оглед на фактот што и двете партии имаат силни младински разграноци во своите партии.

Од партијата на власт, СДСМ, ни одговорија дека миграцијата е светски проблем на кој ни земјава не е имуна. Според Социјалдемократскиот сојуз, за да се реши овој проблем мора да се посочи и да се најде причинителот, а тоа, според нив, е лошото единаесетгодишно владеење на ВМРО-ДПМНЕ.

– Предизвикот што конкретно го посочува истражувањето за младите од Западен Балкан на германската фондација „Фридрих Еберт“, во кое вклучена и земјава, е реален и присутен проблем кај нас. Но тука, сепак, сакаме да истакнеме дека тој проблем со иселување на младите од просториве, вклучувајќи ги државава и губењето на генерациите, не е нов и тој влече корени од минатото. Поедноставно кажано, жариштето на оваа сериозна проблематика кај нас е во единаесетгодишното владеење на ВМРО-ДПМНЕ, кое директно и индиректно ја предизвика оваа драматична состојба со младите во земјава да се зголемува наместо да се надминува и намалува – вели портпаролот на СДСМ Костадин Костадинов.

Тој објаснува дека проблемот со миграцијата е жална реалност, која се случува во целиот свет па оттаму и нашава земја е зафатена со истиот проблем.
– За две години од заробена држава, Република Северна Македонија е светол пример во регионот. Добивме признание за реформите, за политиките на Владата предводена од СДСМ, но и мотив да се продолжи со евроатлантскиот курс во интерес на граѓаните, на младите и иднината на државата. Оваа влада на чело со СДСМ направи многу во однос на младите меѓу кои се и десетици мерки што беа забележани и во последниот извештај на ЕК како позитивни чекори за намалување на младинската невработеност во земјата. Сепак, реалноста во извештајот на германската фондација „Фридрих Еберт“ е токму миграцијата која е и релевантна во анализата и оттаму треба ние како одговорна партија да го насочиме фокусот токму во отстранување на овие забелешки, кои се однесуваат на животот и просперитетот на младите во земјава – оценува Костадинов.

Од друга страна, на истите прашања опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ одговори дека веќе трета година како СДСМ владее врз основа на лаги за подобра егзистенција и развој и лажен став за 600.000 иселени млади, кои ветуваа ќе ги врателе.

– И сѐ повеќе релевантни институции посочуваат на неспособноста и лагата на СДСМ. Нулата од Германија дојде како врела шлаканица, а на тоа се надоврза и релевантен извор дека државата го крие јавниот долг! Всушност, наместо раст на економијата има раст на секојдневно задолжување без да се знае каде одат парите? Наместо раст, СДСМ реализира 3.000 нововработени во администрацијата, зголемувајќи ги партизацијата и невидениот непотизам. Тоа е спротивно и на ветувањата, но и на барањата од ЕУ. Корупцијата велите е докажана, но и премногу видлива за сите, па и за младите, кои не се гледаат во таков партизиран систем. Всушност, СДСМ ја претвори економијата во партиска инсталација за задоволување на своите апетити. Така што, колку подолго опстојува СДСМ со ваков систем на владеење, толку полошо за младите – велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Во однос на тоа со која стратегија или план опозициската партија размислува да ги враќа младите, односно да ги одвратува од идејата да заминат од земјава, велат дека со ослободување на правниот систем, намалување на корупцијата и заминување на СДСМ од власт тоа може да се случи.

– Младите бараат работа, плата, подобри услови, најмногу сигурност и безбедност, да може да творат и да уживаат во плодот на својата работа. Да бидат заштитени од државата; како работници, но и компаниите, од корупција, партизација, злоупотреба. Здрав пазар на работна понуда и побарувачка не се прави со лажни повисоки примања, додека се качува данокот. За тоа треба здрав однос и доверба меѓу стопанството, инвеститорите и државата. ВМРО-ДПМНЕ има стратегија и план, нема нереални ветувања за 500 евра плата и 100.000 за докторите. Младите имаат голема улога во ВМРО-ДПМНЕ и тие уживаат голема меѓусебна доверба во партијата. Со тоа што се директни и важни учесници во креирањето на политиките и стратегиите, директно учествуваат во креирањето на својата иднина тука во Република Македонија – објаснуваат од опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ.

[email protected]