Шеќеринска: И ние и Бугарија сме членки на НАТО, нe треба вака да комуницираме

296

Помина времето кога министри за одбрана од нашиот регион можеа да даваат такви изјави, а некој да ги смета за сериозни, изјави министерката за одбрана, Радмила Шеќеринска, како одговор на изјавата на бугарскиот министер за одбрана, Красимир Каракачанов, дека ќе прати бугарски војници во Македонија за да ги отстранат спомен-плочите на кои Бугарија се нарекува фашистички окупатор.

– Бугарија е членка на НАТО, и ние сме членка на НАТО, и ова не е начин на кој комуницираат или треба да комуницираат членки на алијансата. Ние ќе продолжиме да ги испраќаме истите пораки кои сме ги испраќале минатите години. Нашите граѓани нè плаќаат и очекуваат да им обезбедиме безбедност, а таа безбедност зависи од добрососедските односи – рече Шеќеринска.

Таа вели дека очекува Бугарија, која беше една од државите од регионот кои од самиот почеток ја поддржаа нашата независност, но и нашето членство во НАТО и ЕУ, тоа да го прави и сега.

– Пријателските народи, македонскиот и бугарскиот, можат да одат напред само ако се поддржуваат – рече Шеќеринска.