Шеќеринска: Зошто требаше четири дена за налогот од суд да стигне во МВР?

452

Во оваа држава точно се знае кога Министерството за внатрешни работи може да се активира. Во тој момент кога ќе добие налог од надлежен Суд. Се останато би било истото МВР-ВМРО само во друго пакување, изјави денеска министерката за одбрана, Радмила Шекеринска во врска со бегството на екс премиерот, Никола Груевски.

-Факт е дека целата јавност очекува, како што претходно очекуваше судски пресуди, сега очекува одговорност. И навистина ќе се постави прашањето, како лесно, одредени судски инстанции одлучуваат за притвори за многу поситни дела, а како по прашањето на бомбите и по прашањето на одговорност за сите овие долги злоупотреби, тешко се одлучуваа за притвор.  Не можеме ние како Влада, да се мешаме во судската власт. Не можеме да го земеме ниту нивниот дел од одговорноста,  ниту нивниот дел од задачите. Со право ќе бевме критикувани, ако Министерството за внатрешни работи, реагираше пред да има официјален налог. А сега судството треба да истражи зошто за овие случаи, велам, толку тешко применуваат притвор, а веќе им избегаа одредени луѓеи зошто требаше, ако не се лажам четри дена, за налогот од Суд, да стигне во Министерството за внатрешни работи? – изјави министерката.

Таа вели дека е коинциденција тоа што возило на воената полиција вчера се нашло пред седиштето на ВМРО-ДПМНЕ.

-Вчера во посета ни беше еден генерал на земја-членка на НАТО кој што бил сместен во „Бест-Вестерн“ и при враќање на делегацијата назад во еден момент поминале пред седиштето на партијата, но тоа се случило пред да почне било која од операциите. Инаку мислам дека политички ова бегање од правдата покажува дека ни на старите, ни на новите зборови на Груевски никој не треба да верува – рече таа.

На новинарско прашање зошто таа и министерот за внатрешни работи ја префрлаат вината кај судството, Шекеринска одговари:

-Нашиот повик до Судството, не е повик на притисок, туку е повик сите да си понесеме свој дел од одговорноста, тоа значи дека кога се најавуваат бегања, или кога ни се случуваат бегства да се води сметка и да не се калкулира ниту со термините на испраќање на налозите, меѓутоа ниту со притворите. За многу поситни дела многу лесно некои судии носеа одлуки за притвор, а сега за многу сериозни дела таквите одлуки отсуствуваа. Повик е никогаш да не ни се случи вакво нешто затоа што одговорноста не е колективна, одговорноста е на тие судии што така постапиле – изјави таа.

Според неа Груевски признал вина со бегството.

-Политички зборувано ова само ја потврдува неговата одлука да бега од македонската правда, затоа што знае дека згрешил, затоа што дека го прекршил законот, затоа што знае дека има и други предмети во којшто одговорноста е негова, меѓутоа сега се согласувам одговорност е на оваа држава и на сите нејзини институции да не дозволиме ова да стане нормално – рече вицепремиерката.