Шест безбедносни предизвици за Европа во 2020-та

172

АНАЛИЗА НА „ЈУРОАКТИВ“

Во период кога Европа е фокусирана на наоѓање ефективни решенија поврзани со нејзиното дејствување на финансиско и безбедносно поле, но и во момент кога НАТО се соочува со внатрешни превирања, како и во време на зголемена експанзија на влијание на Русија и Кина, специјализираниот портал „Jуроактив“ ги изнесува шесте точки што може да ја засегаат безбедноста на земјите од Стариот Континент во претстојната 2020 година.

Европска безбедносна дилема

Со неодамнешното формирање на директоратот на Европската комисија (ЕК) за одбрана и вселена, кој ќе биде раководен од Французинот Тери Бертон, ЕУ цели кон креирање унитарна безбедносна политика, која би требало да придонесе да се обедини фрагментираната наменска одбранбена индустрија, која ќе исфрли на површина нови одбранбени иницијативи за трајна соработка во безбедноста на европските институции, па дури и можност за формирање единствен штаб за воени операции на ЕУ под јурисдикција на ЕК.

Мобилност на армиите на Балтикот

Во анализата се наведува дека во 2019 година не биле евидентирани големи воени операции и вежби на балтичкиот регион, во споредба на пример со 2018 година, а целта за наредната година е да се зголеми подготвеноста на државите од Европа што се дел од НАТО да се тестира мобилноста на армиите во оваа област. Во тој контекст се и многубројните иницијативи на легислативата за да се подобрат процедурите за минување на границите по земја, вода и воздух на армиите и воената опрема доколку се јави потреба за тоа. Новата за таа намена Европска одбранбена агенција (ЕДА) токму за оваа цел подготви специјални меѓународни документи потпишани од 23 земји-членки, со што се овозможи финансиска и законска поддршка за спроведување на овие политики.

НАТО во нови води

Освен што Македонија ќе се приклучи како 30-та земја-членка на воениот сојуз најдоцна во првата половина на 2020 година, дејствувањето на воениот сојуз за годината што следува ќе се фокусира претежно на балансирање на политиките и безбедносните прашања внатре во Европа, но и ќе се постави нов фокус на политики што ќе бидат насочени кон Кина. Токму ова дејствување го најави неодамна и генералниот секретар на Алијансата Јенс Столтенберг, кој додаде дека НАТО регистрирало дека властите во Пекинг на големо инвестирале во европските инфраструктури и вселенски програми и дека се очекува да се зголеми кинеското влијание во Африка и Арктикот.

Контрола на вооружувањето

Иако 2019 година не може да се оцени како добра година за политиките насочени кон контролата на вооружувањето во светот, сепак следната година може да се очекува преземање на голем број чекори во овој правец.
– Во 2020 година се очекува поголем број европски држави да се приклучат кон меѓународниот договор за забрана на нуклеарното вооружување, кој, според најавите, би требало да стапи во сила кон крајот на истата година.

Нова трка во вселената

Спроведувањето на политиките насочени кон експанзија во вселената годинава честопати беше во фокусот на дејствувањето на голем број меѓународни институции и држави, а во наредната година се очекува зголемена динамика во оваа област. На ова поле за истакнување се политиките на американскиот Сенат од декември, со кој се одобри формирање на шестиот род на американската војска, кој доби име вселенски сили. Претходно, во ноември челниците на НАТО се согласија дека Алијансата ќе дејствува и во вселената како следната област по военото функционирање на земја, воздух, копно вода и сајбер-простор. Во меѓувреме, вакви слични дејствувања досега презедоа и Кина, Русија и Индија, кои веќе досега распоредија свои воени инсталации и оружја во вселената.

Вештачка интелигенција и војување со дронови

Европа изминативе години се мачи во спроведувањето на регулативите и законските норми со кои ќе се втемели законското дејствување во оружените системи на ЕУ за војување со роботи и дронови, но и употребата и развојот на вештачката интелигенција во технологијата. „Јуроактив“ прогнозира дека како главно поле идната година се очекува правните институции на ЕУ да развиваат нови политики, кои идната година ќе внесат одредени граници и стандарди на оваа тема.

Докторот на воено-политички науки Благоја Марковски, коментирајќи ги европските, но и светските безбедносни предизвици за наредната година, вели дека суштински безбедносната состојба во следната година нема да добие нови карактеристики.
– И натаму остануваат голем предизвик, но и сериозна закана по безбедноста, глобалниот тероризам и сѐ позачестените форми на сајбер-закани, на што всушност и на самитот на НАТО беше дадено ниво на интерес во согласност со овие опасности. Промените што може да се случат во преструктурирањето на водечките сили во светот, тука пред сѐ мислам на одредени несогласување внатре во НАТО, пред сѐ изразени во односот на Трамп и Макрон, како и во односот меѓу НАТО и Руската Федерација, не треба да се очекува дека ќе предизвикаат дополнителни тензии. Сепак, како еден нов и економски а по малку и безбедносен ризик на глобален план треба да се спомене појавувањето на Кина преку развојот на 5Г-технологијата што создава сериозна загриженост кај Западот, но истовремено и кај САД – вели Марковски.

Безбедносниот аналитичар во таа насока објаснува дека следната година ќе се насочи и вниманието но и активностите на глобалните безбедносни играчи и врз основа на овие посочени работи ќе се гради безбедноста во своите земји, но и на глобален план.

[email protected]


Десет можни конфликтни жаришта во светот

Во изминатите години се зголеми бројот на оружени конфликти на микролокациско ниво низ светот. Локалните конфликти служеа како огледала на глобалните трендови и политики, а начините на кои тие се создаваа, распламтува, опстојуваа и подоцна се решаваа наметнаа промени во односите меѓу големите сили и нивните политики на влијанија кај регионалните актери. Со оглед на тоа што Вашингтон изминатиот период е непредвидлив во насока на тоа кого поддржува а кого не, регионалните сили низ светот побараа самостојно решение за своите проблеми, истовремено користејќи ја дипломатијата, но и насилството како алатка за решавање на проблемите. Ова го пишува угледниот американски магазин „Форин полиси“ во својата последна анализа посветена на евентуалните кризни конфликти што би можеле да се случат во наредната 2020 година низ светот.

Аналитичарите на американскиот магазин составиле пресек на десет најважни точки на кои светската заедница ќе мора да им посвети внимание во текот на наредната година. На списокот во кој се очекуваат внатрешни судири, но и евентуално наоѓање решенија, се наведени Украина, Венецуела, Кашмир, Северна Кореја, Персискиот Залив, Либија, Етиопија, Авганистан и во Јемен, каде што и понатаму беснее граѓанска војна.
Во анализата се наведува дека повеќето посочени конфликти во годината што следува не е можно да се решат, „бидејќи во нив се вмешани екстремистички организации чии цели и идеологии не дозволуваат војната да се решава со преговори, а тоа ги поништува напорите за воспоставување мир“.

Во исто време ситуацијата околу Јужно Кинеско Море, каде што САД се обидуваат да се спротивстават на растот на влијанието на Кина, би можела дополнително да се искомплицира годинава што доаѓа, што може да доведе до создавање нови жаришта.
За повеќето кризни жаришта низ светот на кои треба да се внимава во 2020 година аналитичарите сметаат дека ќе биде потребна огромна дипломатија на големите сили за воспоставување мир, што, според магазинот, многу малку е веројатно дека ќе се случи.