Шекеринска денеска и утре на состанок на министри за одбрана на НАТО

47

Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, денеска и утре преку видеоконференциска врска ќе учествува на состанок на Северноатлантскиот совет на НАТО, на ниво на министри за одбрана.

Министрите за одбрана на 30 земји сојузници во НАТО на денешната сесија на Северноатлантскиот совет ќе разговараат за мерките за поддршка на цивилните напори за спречување на ширење на вирусот Ковид-19 и сојузничката солидарност. Со обезбедувањето на НАТО-пакетот во вредност од 1,4 милиони евра за 60 респиратори и дополнителна медицинска опрема, уште еднаш беше потврдена сојузничката солидарност кон нашата земја.

Министрите за одбрана ќе разговараат за напредокот во напорите за зголемување на буџетите за одбрана и заедничкото споделување на товарот. Бројките говорат дека кај најголем број од сојузниците буџетите растат веќе шест последователни години. Истиот тренд го има и буџетот за одбрана на Северна Македонија. Тоа го потврди и премиерот Зоран Заев при посетата на седиштето на НАТО во Брисел овој месец, каде што рече дека остануваме решени да го зголемуваме буџетот за одбрана и да постигнеме 2% од БДП до 2024 година.

На состанокот министрите за одбрана на земјите членки на НАТО ќе се изјаснат за воспоставување вселенски центар во Рајмштајн, Германија, за подобра сателитска и воена комуникација.

Утрешната, втора работна сесија ќе биде посветена на НАТО-мисиите и мировните операции во Авганистан, Ирак и на Косово. Северна Македонија го продолжува својот придонес во главната команда на мисијата „Одлучна поддршка“ и во командата на главниот град, Кабул во Авганистан, а неодамна беа испратени и првите 44 припадници на Армијата во рамките на силите КФОР на Косово, со што нашата земја станува и столб на мирот и безбедноста на регионот.

Министрите за одбрана ќе разговараат и за имплементацијата на планот на НАТО за имплементација на Резолуцијата 1325 на Обединетите нации – Жени, мир и безбедност, чија 20-годишнина се прославува овој месец. Нашата земја го донесе вториот Национален акциски план за имплементација на оваа резолуција и посветено работи на вклучувањето на жените во одбраната, преку процес кој е инклузивен и не подразбира само бројка, туку и активно користење на капацитетите на жените во процесите во одбраната.