Чулев: Секој обид за поткуп врз гласачите ќе биде санкциониран

59

Секој обид за поткуп или за какво било влијание врз гласачите ќе биде соодветно евидентиран и ќе бидат преземени мерки за негово санкционирање, порача министерот Наќе Чулев за време на посетата на Регионалниот центар Исток, одделенијата за внатрешни работи во Делчево и Берово и полициското одделение во општина Ново Село.

Организацијата на парламентарните избори со посебен фокус на спречување на изборниот поткуп беа темите во фокус на работните состаноци.

Од страна на раководствата на трите одделенија министерот Чулев беше запознат со мерките и активностите кои се преземаат од нивна страна, а со кои треба да се гарантираат безбедни и демократски избори. Од нивна страна беше потенцирано дека веќе се изготвени оперативните планови со кои се покриваат критичните точки.

Министерот Чулев потенцираше дека изборите мора да бидат фер и демократски, затоа што граѓаните тоа го заслужуваат и во таа насока обврска на полициските службеници, но и на сите вработени во Министерството за внатрешни работи е да ги преземат сите неопходни мерки со кои ќе се гарантира безбедноста на изборите.
Тој ги повика полициските службеници да постапуваат согласно законските прописи и да се отргнат од какви било политички влијанија и притисоци. Обврска на секоја полициски службеник е да го штити интересот на граѓаните и безбедноста на државата и кога ова е во прашање нема и не постои никаков компромис, додаде Чулев.