Разговор со отец Јаков, новиот владика во МПЦ

Кротоста, мирот, милосрдието и верата се одлика на секој владика во црквата. Тие се вредностите што го обединуваат духот на повозрасните и на помладите епископи во Синодот на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија. Вака епископот полјански Јаков одговара на тоа дали неговиот избор за викарен епископ, кое се случи пред неполн месец во манастирот во Водоча, Струмичко, ќе внесе нова енергија во редовите на МПЦ. Тој стана тринаесеттиот член на Синодот на МПЦ, наедно е и најмлад од нив и му е официјален помошник на струмичкиот митрополит, г. Наум. Бил замонашен во 2005 година, а во 2017 година бил избран за архимандрит во храмот „Свети Григориј Палама и свети Димитриј“ во Струмица.

Дали црквата има капацитет и понатаму да остане единствена кога станува збор за националниот и за духовниот идентитет на македонскиот народ?
– Единството е најсилната карактеристика што ја изразува црквата. Кога црквата не би била единствена, тогаш не би била црква, туку антицрква. Националниот идентитет на македонскиот народ, и на кој било друг народ, е лично чувство и убедување со кое црквата ги прегрнува секој човек и секој народ, и во својата прегратка како мајка го носи до Царството Божјо, до богооткриената вистина дека во црквата веќе нема поделби, нема веќе ни Јудејци, ни Елини, ни роб, ни слободен; зашто сите сме едно во Христос Исус. Токму поради тоа, црквата е, и треба да остане, наднационална. За аномалиите на тој план, за етнофилетизмот, не сакам воопшто да зборувам. Во последниот период кај нас често се зборува за чување на националниот идентитет, а речиси воопшто не се зборува за чување на христијанскиот идентитет, кој никој не сака да ни го одземе, туку најчесто ние самите се одрекуваме од него. Можеме да наведеме безброј примери од сите сегменти на општествениот живот кога ние, одрекувајќи се од Христос, се одрекуваме и од сѐ она што нѐ карактеризира како народ. Накратко, чувајќи го христијанскиот идентитет, сѐ друго можеме да зачуваме. Единствено во заедница со Христос имаме перспектива во времето како македонски народ, и во вечноста – како народ Божји. Надвор од Христос сѐ е осудено на смрт и пропаст.

Како да стане црквата поблиска до народот, особено до младите, кои живеат во еден современ свет, насочен кон Интернет, кон социјалните мрежи? Како би се зголемила посетеноста во црквите и манастирите?
– Тоа е, всушност, мисијата на црквата, да допре до секој човек заради кого умре Христос, оти душата на само еден човек е поскапоцена од целиот свет, и црквата е единственото место каде што човекот може да го осмисли своето постоење. Од една страна, имаме глобална интернет-заедница од која е дел речиси секој современ човек, а од друга страна, човекот никогаш не бил поосамен, подепресивен, погладен за љубов и за заедница. Никој и ништо не може да ја надоместат црквата во човековиот живот. Црквата не отсуствува од интернет-просторот и од социјалните мрежи, но тоа очигледно не е доволно. Од пресудно значење е личното сведоштво на пастирите на црквата, пред сѐ, на свештениците, зашто тие го имаат оној прв и непосреден контакт со луѓето. Во нашиот живот, во нашите дела, во нашето присуство, луѓето треба да го препознаат Христос, а црквата да ја почувствуваат како љубовна заедница, која е предвкус на Царството Божјо.

И оваа година остана отворено прашањето за признавањето на автокефалноста на МПЦ-ОА. Дали сметате дека единственото решение на овој процес треба да го бараме кај Вселенската патријаршија?
– Она за што можам со сигурност да зборувам и да го посведочам е тоа дека сите архијереи на МПЦ-ОА, на чело со архиепископот г.г. Стефан, работат со огромна љубов и посветеност за признавање на автокефалноста на нашата света црква. Сите помесни православни цркви, освен оние што ги нарекуваме апостолски, а кои се основани од апостолите или од нивните ученици, томосите за автокефалност ги добиле токму од Вселенската патријаршија. Како би постапил вселенскиот патријарх и каков став би зазел во однос на нашата црква, останува да видиме. Мојот личен впечаток за неговата сесветост, особено врз основа на неговата реторика и разбирање за страдањата на другите, отворениот критички однос кон секој облик на етнофилетизам во црквата, е дека тој е духовен човек, кој длабоко ја живее и ја разбира Христовата молитва.

Дали сметате дека црквата доволно се занимава со хуманитарна дејност?
– Сѐ додека во овој свет има луѓе што страдаат на кој било начин, не можеме да речеме дека доволно сме направиле и како црква, и како народ, и како држава, и самостојно, како луѓе. Црквата прави многу во однос на тоа материјално да им се помогне на загрозените категории луѓе, но не е во духот на црквата да им се дава публицитет на тие дејности, меѓу другото, и поради достоинството на самиот човек кому му се помага. Во Струмичката епархија функционира тераписката заедница „Покров“, за лекување од болести на зависност, во која голем удел има црквата. Она што сите го занемаруваме е тоа дека душевните страдања се многу поголеми од материјалните, односно од телесните страдања. Утешителниот збор, искрената и неизвештачена љубов, поглед со кој покажуваш сострадалност и дека ти е грижа за другиот се, исто така, хуманитарна дејност со која живее црквата со векови.