Чекањето го скратуваат само со приоритетни упати

Долги се редиците на чекање за прегледи и за оперативни зафати на скопските клиники. На одредени клиники се чека со недели, па и со месеци за операција.
Никако да се најде начин да се намали метежот. Граѓаните револтирани велат дека вака не смее да функционира здравство, особено затоа што на некои од граѓаните одредени услуги им се потребни веднаш, а не по неколку недели, па и месеци. Поради тоа пациентите, како што велат, се принудени и последниот денар да го потрошат на приватните клиники, затоа што немаат време за чекање во јавното здравство. Како компромисно решение, најчесто се земаат приоритетни упати, кои колку-толку гарантираат дека во текот на неделата, доколку чекаат во амбулантата, пациентите ќе го добијат соодветниот преглед.

– Хаос е, навистина. Првенствено што на клиниките доаѓаат пациенти од цела држава. Доаѓаат закажано, незакажано, со приоритетни упати…, вистински хаос е. И да имате закажано, ќе си почекате да добиете преглед. Да не тргне човек по овој пат, а кога ќе тргне, тогаш навистина му треба трпение. Само кога ќе го видите метежот во ходник ви станува мачно. А некои, замислете, доаѓаат со приоритетни упати секој ден, чекајќи да бидат примени – вели Вера Димовска.

Неодамна, за ваквата состојба од „Мој термин“ ни истакнаа дека во согласност со подзаконските акти поврзани со начинот на упатување, пациентите со упат со повисок приоритет треба да бидат прегледани по завршувањето на прегледите со закажан термин, најмногу во рок од седум дена од издавањето на упатот. Начинот на кој во различни установи и специјалности се прегледуваат овие пациенти зависи од ресурсите што се достапни и од организациската поставеност во установата. За поединечни случаи би требало да одговорат менаџерите на установите каде што се случувале тие – информираа неодамна од „Мој термин“.

Во Министерството за здравство прашавме која е причината за ваквата состојба. Дали има улога и одливот на медицински персонал, кој се чини масовно ја напушта државава?

– Министерството за здравство во изминатава година вработи околу две илјади здравствени работници низ целата земја. Со тоа ги зајакнавме капацитетите во сите здравствени установи низ Македонија, а трендот на вработување ќе продолжи и во следниот период. Недостиг од кадар сѐ уште постои, но со правилна распределба, реорганизација и регионализација се покрива онаму каде што има недостиг од кадар – информираа од Министерството.

Оттаму рекоа и за да се зголеми мотивацијата и да се спречи одливот на кадар во приватното здравство и во странство, како Министерство за здравство успеале да издејствуваат дополнително и ургентно покачување на платите за десет отсто за докторите специјалисти и пет отсто за медицинските сестри од јануари 2019 година.
– Истакнуваме дека ова покачување доаѓа само по четири месеци од претходното покачување на платите во здравството на 19.123 вработени, за пет отсто. Кога на оваа сума ќе се додаде зголемувањето на надоместокот за прекувремена работа, дежурство и ноќен труд, тоа во значителна мера ја подобрува положбата на сите работници во здравствениот систем.

Истовремено работиме и на зајакнување на специјалистичкиот кадар. За таа цел беа одобрени рекордни 240 специјализации и 115 супспецијализации – велат оттаму. Од Министерството велат и дека во однос на зголемување на бројот на термини во јавните здравствени установи, во континуирана комуникација се со јавните здравствени установи и во рамките на можностите се обезбедуваат дополнителни термини во договор со медицинскиот персонал и со менаџментот на самите установи.