Чекалниците во кичевската болница како во 19 век

67

И покрај надежите на граѓаните на Кичево дека по 30 години конечно ќе биде завршена новата болница, сепак нивните очекувања не се остварија, а тие и понатаму ќе мораат здравствените услуги да ги добиваат во болничка зграда изградена пред 90 години и каде што ни минимум не се задоволени стандардите за една здравствена установа. Чекалниците личат на вистински отпад за стар мебел и други предмети, а и специјалистичките ординации, кои во најголем број се во оваа зграда, не изгледаат подобро, бидејќи се затоплуваат со ќумбиња во простории со 3-метарски плафони.

– Условите што владеат во нашата болница се под сите стандарди за една ваква установа и под секакво човечко достоинство. Во чекалниците можат да се забележат купишта стар мебел исфрлен од некои канцеларии, а самите чекалници се со прокиснати плафони и со години неваросани. Каблите од струјата висат над нашите глави и сето тоа личи на објект од некоја заостаната африканска земја. Безброј пати се пишувало и се зборувало за големи инвестиции во здравството и ако еднаш се посети кичевската болница, тогаш ќе ви стане јасно дека овие квалификации не важат за оваа установа. Се чини здрав да дојдеш, болен ќе се вратиш од провевот што го има на сите страни и од хигиената, која е на ниско ниво – се пожалија група пациенти што деновиве ги сретнавме во овие чекалници.