Црните точки исчезнаа од патиштата

400
Фото: Дарко Андоновски

По последната трагична сообраќајна несреќа кај Ласкарци, за чии причини во јавноста сѐ уште се чека официјална информација, меѓу многубројните дилеми се наметна и темата со проблематичните точки и делници на патиштата, познати како сообраќајни црни точки, термин што веќе не постои во правната регулатива и за кој веќе не се води никаква евиденција. Дали и колку ваквото необележување и неевиденција влијаат врз безбедноста во сообраќајот или спротивно го зголемуваат данокот во крв? Или, можеби, црните точки се слеаја една со друга и сега комплетно патиштата ни се црни, односно секој изминат километар преставува потенцијален ризик

Веќе десетина години нема официјален податок за тоа колку црни точки постојат на патиштата во Македонија и каде точно тие се наоѓаат, бидејќи со измените во Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата, терминот „црна точка“ е избришан и сега не се води евиденција за опасните локации на сообраќајниците. Темата со проблематичните точки и делници на патиштата повторно се наметна како актуелна по последната трагична сообраќајна несреќа кај Ласкарци, на автопатот Скопје – Тетово, за чии причини во јавноста сѐ уште се чека официјална информација. Во меѓувреме, меѓу големиот број дилеми поврзани со сообраќајната несреќа, се појави и прашањето за црните точки во сообраќајот.

Имено, во 2018 година 129 лица ги загубиле животите, а 6.700 биле повредени во сообраќајни несреќи низ Македонија. Тоа доволно говори дека опасностите не се отстранети, но, сепак, по патиштата ретко каде може да се забележи знак за црна точка.

– Во правната регулатива веќе не постои терминот „црна точка“ и тешко е да се дефинира кои и каде се тие места што треба да бидат под постојан видеонадзор. Второ, терминот „црна точка“ на патот, иако не е прецизно дефиниран, не се однесува на една точка од патната мрежа, туку тоа може да опфати и поголем дел од патната мрежа (на пример дел од патна делница од 1.000 метри) – вели Ристо Манчев од Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата (РСБСП).

Според податоците од 2010 година, низ државата биле регистрирани 169 црни точки, но некои од нив веќе се отстранети, со оглед на фактот дека се изградени неколку експресни патишта, нов автопат од Демир Капија до Гевгелија, проширени се некои поранешни критични патишта, а наскоро треба да биде пуштен во употреба автопатот Скопје – Штип, додека за неколку години ќе профункционира и автопатот Кичево – Охрид. Сепак, тоа не значи дека целосно се елиминирани сите проблематични точки од патиштата, но Манчев смета дека решенијата за нив мора да се бараат пошироко и да бидат системски.

– Неопходно е да се креира ефикасен систем за менаџирање со патната и сообраќајната инфраструктура. Потребни се континуирани и интензивни вложувања за подобрување на патната инфраструктура и континуирано одржување на патната и сообраќајната инфраструктура. И не само тоа. Неопходни се анализа и ревизија на секој проект од аспект на безбедноста. Тоа значи дека безбедносните карактеристики на патот треба да се контролираат и оценуваат уште во фазата на проектирање, како предуслов да изградиме безбедни патишта без црни точки – вели Манчев.

Според искуствата на возачите и поранешните податоци, како потенцијално опасни делници за возење се посочуваат клучката кај Хиподром, клучката Илинден, потегот од наплатната станица Петровец до клучката Кадино, како и мостот кај Катланово.

Во правец од Скопје кон Охрид, како особено опасни места се издвојуваат патниот правец Желино – Тетово, потегот од наплатната станица Тетово Југ до наплатната станица Гостивар, кај селото Зајас (Гостивар – Кичево), селото Мешеишта, (Кичево – Охрид), мостот на реката Сатеска, селото Ботун (Кичево – Охрид), клучката за влез во Охрид кај селото Подмоље на делницата Охрид -Струга.

На патот Охрид – Свети Наум најопасни се деловите кај Свети Стефан, односно кај хотелот „Гранит“, раскрсницата на влезот кон комплексот „Инекс Горица“, населбата Рача и селото Пештани.

Како особено опасни места се посочени и регионалниот пат Кичево – Демир Хисар (местата Чакор, Прибилечки Кривини, Зли Дол), додека на регионалниот пат Дебар – Струга, најкритично е кај селото Велешта и кај селото Враништа.

Опасно е возењето и на регионалниот пат Прилеп – Крушево, кај местото Смилевски Трла.

Опасности демнат уште на стотина локални патишта низ земјата, кои не се санирани, преполни се со дупки и пукнатини на коловозот, а на голем дел од нив се извадени или украдени сообраќајните знаци што предупредуваат на опасност.

Сепак, според препораките од РСБСП, примарно е возачите да бидат фокусирани на условите на патот и да ја почитуваат сообраќајната сигнализација, бидејќи кога нема пречекорување на брзината и се вози дисциплинирано од страна на сите учесници во сообраќајот, нема причина да дојде до сообраќајна несреќа.

Во спротивно, кога се вози под дејство на алкохол или, пак, не се приспособува брзината, секој пат е потенцијална црна точка. 

Фото: Дарко Андоновски