Цветна ликовна работилница во воз, во чест на јубилејот

197
Фото: Маја Јаневска-Илиева

СЕДУМДЕСЕТ И ПЕТ ГОДИНИ „НОВА МАКЕДОНИЈА“

Со извадоци од насловната страница на првиот и од најновиот број на весникот „Нова Македонија“, залепени на прозорецот на возот што сообраќаше на релацијата Скопје – Битола, во саботата изутрина го започнавме патувањето на ликовната цветна работилница на сликарот и хуманитарец Живко Поповски-Цветин. Во нашето друштво беше и хуманитарецот Миливој Јанковски-Миле, а имавме една мисија: да им го разубавиме патот на патниците со убавите цветови од Цветин и со новиот број на весникот.

Подарувањето на цветовите започна околу седум часот, првиот цвет го доби малиот Виктор, а вториот цвет неговата постара сестричка Хана, кои со чичко Миле позираа за фотографија. Продолживме со подарување цветови за патниците, кои беа изненадени од нашиот гест и кои нѐ пречекуваа со весел и расположен дух. Младите студенти имаа насмевки на лицата, а цветови добија и машиновозачите и кондуктерите во возот. Насмевката не го напушти лицето на чичко Миле, кој на патниците им посакуваше убав ден. Во меѓувреме, Цветин го постави своето мало студио, ги отвори боите, кои ги смести покрај чашите и шишето со вино, заедно со весникот, и се фати за работа, неуморно создавајќи нови цветови.

Чичко Миле, по кратката обиколка направена низ возот и неуморното подарување на цветовите, ја направи првата пауза. Додека Цветин ги правеше потезите со малата шпакла врз хартијата, тој изјави дека е 27 дена постар од нашиот весник, и дека константно се дружиме и соработуваме во текот на целиот негов живот.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

Бројот на сликите од подвижната ликовна работилница растеше со секоја измината минута, а новите цветови го украсија прозорецот на возот. Поради позицијата на малата маса и движењето на возот, моравме да ги фиксираме чашите со цветови на весникот на кој стоеја, на некој начин претставувајќи симбол на соработката помеѓу нашиот весник и Цветин. Откако реши да ја спушти малата шпакла и да одмори, тој со својот телефон направи неколку фотографии и кратко видео, кое реши да ги сподели на социјалната мрежа Фејсбук, уште еднаш докажувајќи дека е во чекор со времето!
– Како сте ја накитиле масава, алал да ви е! – изјави еден од кондуктерите откако ја забележа нашата подвижна работилница, а во возот се слушаше прелистувањето на страниците на нашиот весник.

Во текот на патувањето ни пристапи човек со завој на раката, кој се претстави како Владо Тодоровски од селото Зрзе. Тој ни објасни дека го снашла голема несреќа, дека неговата куќа, за жал, изгорела, а тој паднал од орев и така ја повредил раката. Со тажни очи побара помош од сите што се во можност да му помогнат, да му се јават. Цветин направи фотографија и со овој човек, ставајќи симболично цвет на неговата рака. По некое време возот застана на станицата во Велес, па појдовме да му подариме цвет и весник на отправникот на возови во градот на големиот Кочо Рацин.
– Според мене, поблагодарна мисија од ова нема – изјави Цветин додека ги делеше своите цветови. Потоа продолжи со шега.

– Некои патници можеби не сакаат да добијат цвет, оти ќе ги чини врамувањето! – се смее тој.

На нашиот мировен поход го испративме чичко Миле и подалеку од Чашка, да понесе цвет и весник во градовите Битола и Прилеп. Пред да слеземе на нашата станица, чичко Миле ни посака среќа и успех понатаму на нашиот пат.

По кратко патување со автомобил од Чашка, околу 9 часот стигнавме во селото Горно Врановци, каде што е отпечатен првиот број на „Нова Македонија“ во 1944 година. Уживајќи во убавиот чист воздух, блаженството и спокојот на природата, во која е сместена партизанската печатница „Гоце Делчев“, Цветин на камен наслика цвет и до него бројот 75, во чест на годините од постоењето на нашиот весник. Потоа ѝ се препуштивме на прославата во чест на јубилејот, најнапред на историскиот час во спомен-куќата на првата печатница, па и на убавата храна, музиката и дружењето.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

Од колено на колено

Честитки за големиот јубилеј ваш во кој траете предолги 75 години, при што ве читале милиони баш, меѓу кои биле сите наши роднини!
За вас пишувал и дедо ни наш, кој има скоро исто толку години, а сега редот го остави и на нас да продолжиме за многу години!

Кристина и Андреј Русјакови