Царовска: Унапредувањето на стручното образование е наш приоритет

40

Посветено работиме за да се врати достоинството на средните стручни училишта, а учениците да ја сфатат нивната вредност, за да образуваме нови генерации млади луѓе барани на пазарот на труд, рече министерката за образование и наука, Мила Царовска, по посетата на средното електро-машинско училиште „Коле Нехтенин“ во Штип. Министерката, заедно со в.д. градоначалникот Јане Миланов, со директорот и наставниците на основното училиште „Гоце Делчев“ разговараа за текот на наставата, а се сретнаа и со ректорот на УГД „Блажо Боев“.

– Стручното образование за МОН и за Владата останува висок приоритет. Со вложување во средното стручно образование создаваме граѓани коишто се работоспособни и директно може да се вклучат на пазарот на труд, но имаат и можност да се вклучат и во високото образование. Овие кабинети кои ги видов тука навистина даваат можност учениците да се стекнат со практични вештини. Интенцијата на МОН во наредниот период е преку тесна врска со компаниите да се обезбеди можност праксата да се изведува во компаниите или што поголем број училишта да се поврзат со компании и да се воспостави системот на дуално образование – изјави Царовска.

Со тоа, третина од средното образование би се изведувало во реален производствен процес, а директното остручување им дава подобра стартна шанса на сите ученици кои завршуваат стручно образование.

– Оваа година ја променивме политиката за стипендирање и за првпат се воведоа стипендии за стручните училишта. На денешната владина седница се зголеми бројот на стипендии за електротехничката струка, затоа што имавме повеќе апликации. Од 9 се зголеми на 23 за да може да ги опфатиме сите ученици коишто сакаат да бидат стипендирани, а се од електро струката, којашто е значајна за целата индустрија во нашата земја – нагласи министерката Царовска.

Од годинава воведени се ученички стипендии за избрани дефицитарни струки: машинска, земјоделско-ветеринарна, текстилно-кожарска, електро-техничка и градежно-геодетска струка.

Министерката Царовска посочи дека посебно внимание се посветува на подобрувањето на условите во училиштата. Во средно училиште „Коле Нехтенин“ завршена е реконструкцијата на кровот, што е целосна инвестиција на Министерството за образование и наука во вкупен износ од 17,5 милиони денари. Во тек се градежни работи за реновирање на спортската сала во состав на училиштето, што се прави со средства од општината, со цел да се обезбедат подобри услови за физичко воспитание и образование на учениците.

И покрај здравствената криза, наставата се спроведува успешно. Теоретскиот дел учениците го следат онлајн, додека практичниот се реализира со физичко присуство, под здравствени протоколи и мерки.