Царовска: Најважно е сите да соработуваме за да имаме успешна училишна година

28

Министерката за образование и наука, Мила Царовска, го посети општинското основно училиште „Кирил и Методиј” во Тетово, каде наставата ќе се одвива со физичко присуство од прво до трето одделение, а во погорните одделенија со настава од далечина.

– Ако заедно се соочуваме со предизвиците, тие полесно се надминуваат. Ова се покажува и во училиштето „Кирил и Методиј“ каде соработката на локалната самоуправа и училиштето, како и целосното вложување на наставниците резултираат со подготвеност за старт на училишната година на двата начини. Видовме дека се почитуваат мерките и протоколите за безбедно одвивање на наставата, направено е обележување на патеките, набавени се топломери а клупите се поставени на пропишаното растојание. Наставниците се вклучени во тестирањето на онлајн платформата – изјави министерката Царовска.

Градоначалничката на Тетово, Теута Арифи, истакна дека соработката на сите нивоа ќе биде клучна за одвивањето на наставата во услови на пандемија.

– Сите сме свесни дека ова е чувствителен период, школска година што не личи на други. Сите мора да бидеме солидарни и со разбирање во целиот овој процес – рече Арифи.