Царовска: Интеграцијата на предмети не значи намалување на бројот на часови

238

Нема да се намали бројот на часови, ниту пак предметните наставници ќе останат без работа. Она што се добива со интегрирањето на предметите е продлабочување на знаењата на учениците, рече министерката за образование и наука Мила Царовска во гостувањето во дебатната емисија на ТВ Клан.

– Намалување на бројот на часови нема или е многу ситно. Во делот на природни науки, поединечните дисциплини билогија, хемија, физика од шесто до деветто одделение се застапени со 16 часа, а во новиот наставен план се застапени со 18 часа. Додека општествените науки, како историја, географија и граѓанско, зошто географија ја имаме и во природни и во општествени науки, сега се застапени со 18 часа, а во новата концепција со 17 часа, заради тоа што физичка географија се префрлува во природни науки. Тоа укажува дека еднаков е бројот на часови. Интеграцијата на предмети не значи намалување на часови, значи намалување на предмети, но обемот останува ист – рече Царовска.

Министерката објасни дека со интеграцијата, кога се учи биологија, хемија и физика на
тема загадување на животната средина, темата се учи низ сите три дисциплини и на тој
начин учениците добиваат претстава какво е загадувањето, од каде потекнува, но при
тоа учат и за решението за да немаме загадување.

Стравот е поголем од аргументите, нагласи Царовска и рече дека ги поттикнува наставници да ја прочитаат концепцијата, да го видат наставниот план и ќе увидат дека
ниедна дисциплина не се укинува туку напротив, сега се продлабочува, се дава можност да се учи повеќе и поквалитетно, затоа што со интеграцијата по теми ученикот добива слика за темата и ги поврзува фактите во целина.

– Секој од наставниците ќе си има свој модул, тие остануваат на работа, и по биологија
и хемија и физика, и предаваат засебно, но при тоа имаат теми коишто ги поврзуваат,
преку кои заеднички ќе може да го проценат нивото на знаења коишто ученикот ги
стекнал и што може да ги употреби во иднина, за надминување на одредени предизвици – посочи министерката.


За првпат нудиме реформа која се фокусира на знаењата на децата

Ако не направиме промени во основното образование денес, нема да фатиме чекор со светот, рече министерката Царовска во вечерашното гостување на ТВ Клан.

– Реформата не е козметичка. Затоа ни е потребна реформа којашто ќе направи тектонски промени. За првпат имаме реформа која се фокусира на знаењето на децата. А сето ова го нуди оваа концепција – рече Царовска.

Таа истакна дека главната идеја е од фактографско да се премине на учење со разбирање, а наставниците ќе имаат автономија во држењето на наставата.

– За првпат ќе се даде можност ученикот да избира предмети со што ќе го поттикнеме потенцијалот на секое дете. Сето ова ќе се постигне со интеграција на предметите коешто се предлага со концепцијата. Во исто време по различни предмети ќе се изучуваат исти теми. Почнуваме во две одделенија, не одеднаш во целата деветолетка како што се спроведувале претходно некои реформи. Ова ни дава можност да ги надминуваме предизвиците, но и наставниците да се навикнат на новиот модел на настава – истакна Царовска.