Царовска: Имплементирањето на новата концепција ќе се прави постепено во следните 6 години

167

Денеска завршува периодот на доставување на коментарите за предложената нацрт-концепција за основно образование по електронска пошта, соопшти министерката за образование и наука Мила Царовска по средбата со директорите на училиштата на којашто беше дадена целосна поддршка на спроведувањето на реформите.

– Најголемиот дел од коментарите се однесуваат на тоа дека треба да забавиме со реформите. Секако сметаме дека се движиме полека, затоа што имплементирањето на оваа концепција според она што го предлагаме ќе се случува во наредните 6 години. Односно влегуваме само во прво и во четврто одделение во наредната година и сукцесивно ќе се додава година по година и тоа е најблагиот пристап којшто го преземаме во воведување на реформите – рече Царовска.

Директорите на училиштата на средбата ја искажаа потребата од имплементација на новата концепција и посочија дека со неа ќе се даде новина во системот на образование и ќе внесе освежување на системот за образование, но исто така ќе даде можност за квалитетна обука на наставниот кадар и осовременување на наставните програми, што ни е неопходно за да можеме да имаме добри резултати во образованието.
Министерството за образование и наука, Бирото за развој на образование и членовите на работната група овој тип на дебати ги продолжуваат и наредниот период и со наставниците и со граѓанските организации и со претставници на Академијата на науки и уметности во нашата држава. Дебати ќе бидат организирани и со други засегнати страни и други универзитетски професори коишто можеби имаат сугестии во врска со концепцијата, соопшти Министерство за образование и наука.