Царовска: Вработувањата во социјалните центри и градинките се континуирани

118

Вработувањата во центрите за социјална работа и во градинките не се предреферендумски туку континуирани во текот на една година, а тој тренд ќе продолжи затоа што е време системот за социјална и за детска заштита да се исправи на нозе, рече министерката за труд и социјална политика Мила Царовска. 

– Затоа што наследивме систем во кој за детска заштита недостигаат 2000 вработувања. Ги држеа на определено време со цел партиски да ги експлоатираат и токму затоа ние на сите кои беа на определено време им дадовме договори на неопределено и вработивме повеќе од 800 нови, рече Царовска на прес-конференција посветена на резултатите од Оперативниот план за вработување и пилот-програмата Младинска гаранција, одговарајќи на новинарско прашање за вработувања во нејзиниот ресор, по тврдењата од опозицијата за масовни вработувања во државните институции.

Соопшти дека во центрите за социјална работа се вработени околу 200 лица, затоа што, рече, досега имало систем во кој 50 проценти од вкупниот број вработени во центрите бил нестручен кадар – средно стручен или неквалификуван за социјална работа и социјална заштита.

– Тоа ќе продолжи како тенденција, не заради референдумот, туку затоа што сега е време системот за социјална заштита и детска заштита да се исправи на нозе и вработуваме квалитетен кадар кој останал во Македонија, истакна Царовска.

Во врска со барањето на Првата детска амбасада „Меѓаши“ да постои видеонадзор во градинките, Царовска одговори дека тоа треба да биде иницијатива на родителите кои треба да се обратат до Дирекцијата за заштита на лични податоци, а таквата мерка ја смета како контроверзна. 

– Родителите се единствени кои може да покренат ваква иницијатива и градинките како посебни правни субјекти кои се и во надлежност на општините може да го разгледаат тоа како опција. Но, органот одговорен за заштита на лични податоци, во што спаѓа видеонадзор на деца, па и на возрасни, е Дирекцијата за заштита на лични податоци. По однос на тоа прашање ако се поднесе иницијатива, треба да дискутираат управните одбори на градинките и советите на општините. А самото прашање е контроверзно, рече Царовска. 

На прашањето колку од буџетот и од кои ставки МТСП ќе одвои за кампања за референдумот, министерката одговори дека Владата прави анализи за буџетските можности во целост и во претстојната седмица ќе ги соопшти податоците.