Царовска: Во Тимјаник ќе има мал групен дом, недоразбирањата се веќе минато

46

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска вчера ги посети Неготино и селото Тимјаник. Таа заедно со градоначалникот на општина Неготино, Тони Делков се сретна со локалните жители, соопшти денеска Министерството за труд и социјална политика.

– Недоразбирањата се веќе минато, а подготовките за малиот групен дом во Тимјаник продолжуваат. Никогаш не се сомневав во хуманоста на нашите граѓани и верував дека првата несакана епизода е само недоразбирање. Драго ми е што овој пат имавме многу конструктивна дискусија и жителите дадоа поддршка на она што го правиме. Јас верувам дека Тимјаник ќе биде симбол на хуманоста на нашето општество, а жителите ќе се гордеат со тоа- изјави Царовска.

Царовска во Неготино и Тимјаник1Од МТСП информираат дека во меѓувреме забрзано се работи на деинституционализацијата и дека се во комуникација со другите општини кои изразиле подготвеност за отворање мали групни домови.

-Истовремено, МТСП во соработка со УНИЦЕФ ја промовира и кампањата „На секое дете му треба семејство“ која има за цел да ги поттикне граѓаните да станат згрижувачи на деца без родителска грижа и да им овозможат да растат во безбедно и грижливо семејно опкружување исполнето со љубов. Кампањата досега постигнува одличен успех, повеќе од 100 лица изразија желба да згрижат дете. Борбата за похумано општество и заштита на децата ќе биде и понатаму главен фокус на МТСП- посочуваат од Министерството.