Холандија даде дозвола за преговори со Македонија, а ги блокира за Албанија

618

Холандскиот парламент синоќа се изјасни против отворањето на преговорите со ЕУ за Албанија, но ја отфрли истата резолуција што се однесува на Република Македонија.

Парламентот во Холандија вчера гласаше за четири резолуции поврзани за проширувањето на ЕУ, но само таа против Албанија доби мнозинство гласови, вклучително и од владеачките партии, со 105 гласа од вкупно 150 пратеници во парламентот.

Резолуцијата бара да не се отворат преговори со Тирана во 2019-та година, пред сѐ поради недоволен прогрес во делот на борбата против организираниот криминал и корупцијата. Холандската влада го дели ова мислење. Според нивниот министер за надворешни работи, Стеф Блок, отворањето пристапни преговори со Албанија е избрзана одлука.

Резолуцијата за Македонија преку која неколку холандски пратеници бараа исто така да се блокираат преговори со нашата земја, беше отфрлена од мнозинството во холандскиот парламент.

Ова претставува прв можен чекор кон одвојување на Македонија и Албанија во Советот на ЕУ, доколку Холандија како земја членка на ЕУ побара од Советот да го усвои ваквиот пристап и при одлучувањето за пакетот Албанија-Македонија на 18-ти јуни во Луксембург, или на следниот состанок кон крајот на јули во Брисел.