Хелсиншки комитет: Оправдано е граѓаните со закон да се обврзат на вакцинација

114
Фото: Игор Бансколиев

Хелсиншкиот комитет за човекови права смета дека е оправдано граѓаните со закон да се обврзат на вакцинација против болести чие спречување е во интерес на општеството.

Од таму велат дека задолжителната вакцинација, која е предвидена со член 33 став 2 од Законот за заштита на населението од заразни болести, во ниту еден момент не може да се доведе под сомнение дека е во спротивност со Уставот и основните човекови слободи и права.

– Ова особено се однесува на член 39 став 2 и член 40 став 3 од Уставот, каде се предвидува дека граѓанинот има право и должност да го чува и унапредува сопственото здравје и здравјето на другите, како и тоа дека родителите имаат право и должност да се грижат за издржување и воспитување на децата. Од духот на уставните одредби, јасно и недвосмислено произлегува дека во случај на одбивање на вакцинацијата од страна на родителите, истите не само што го загрозуваат здравјето на сопствените деца, туку и здравјето на другите лица кои поради медицински контраиндикации не се вакцинирани и на тој начин им го ускратуваат правото на здрав живот. Заради обезбедување на наведеното право, Хелсиншкиот комитет за човекови права сметка дека е оправдано со закон да се обврзат граѓаните на вакцинација против болести чие спречување е во интерес на општеството – се вели во правното мислење на Хелсиншкиот комитет во врска со забраната за упис на невакцинирани деца во училиште.

Како што беше наведено во решението на Уставниот суд во врска со задолжителната вакцинација, се додава, редовната вакцинација е една од специфичните мерки на заштита од заразните болести.

– Нејзината задолжителност се утврдува само за одредени заразни болести и на определена возраст утврдена со календарот за имунизација, за што има медицинско оправдување. Со редовната вакцинација не се штити само лицето кое се вакцинира туку се создава и колективен имунитет помеѓу населението што ја спречува циркулацијата на инфективните агенси. Последователно, заради заштита на здравјето на детето и правото на детето на здравје, Судот во 2014 година оцени дека е оправдано на родителите да им се ускрати правото на избор за невакцинација од причина што правото на здравје на детето е посилно од правото на избор на родителите – велат од Хелсиншкиот комитет.

Според Комитетот, имунизацијата е една од најуспешните и најефикасни здравствени интервенции за заштита на здравјето на децата и со обврската за задолжителна вакцинација само за одредени болести како што се сипаници, детска парализа, дифтерија итетанусипертузис, се спречуваат вистински и непотребни здравствени ризици.

Според Хелсиншкиот комитет за човекови права, обврската за задолжителна вакцинација претставува дозволено ограничување на фундаменталните човекови права на засегнатото лице со оглед на тоа што е неопходна мерка во демократската држава заради заштита на јавната сигурност, здравје, права и слободи на други лица.

– Согласно член 24 од Конвенцијата за правата на детето, која со закон е ратификувана од Република Северна Македонија, државите членки му го признаваат на детето правото на највисоко ниво на здравствена и медицинска заштита и рехабилитација. Државите членки настојуваат ниту едно дете да не биде лишено од правото на таква здравствена заштита и истовремено се залагаат за целосно остварување на ова право.Република Македонија, како држава која ја ратификувала оваа Конвенција, исто така, има обврска да ги применува одредбите од Конвенцијата. Оттука, условувањето на упис на детето во основно училиште со приложување на доказ за извршена вакцинација не претставува дискриминација од причини што ова претставува само еден вид на механизам за заштита и осигурување на правото на детето на здравје. Родителите кои би запишале дете во училиште кое не ги примило потребните вакцини, би ги повредиле правото на здравје на своето и на другите деца кои одат во истото училиште што значи деказадолжителната вакцинација, определена со Законот, не претставува прекумерна мерка – се вели во правното мислење на Хелсиншкиот комитет во врска со забраната за упис на невакцинирани деца во училиште.