Хелсиншки: Директори на средни училишта го попречуваат правото на мирен протест

90

Хелсиншкиот комитет за човекови права остро ги осудува обидите да се попречи уставно загарантираното право на мирен протест на средношколците.

Oд таму известуваат дека Комитетот ќе поднесе претставка до Министерството за образование и Државниот просветен инспекторат поради, како што велат, недозволивото однесување на директори на училишта, кои се обидeле со заплашување и закани да ги спречат учениците да излезат на денешниот Марш организиран од движењето Fridays for Future-Скопје и коалицијата „Зелен фронт“.

– Покрај неприкосновеноста на правото на протест, ја нагласуваме и потребата од промена во образовниот процес каде наместо да се добива демократска наобразба и охрабрување на учениците да ги практикуваат своите права, сведочиме на автократски пориви на лица кои се на раководни позиции во образованието – се наведува во соопштението на Комитетот.

Во него се додава дека последиците од загадувањето и климатските промени се проблем од кој се погодени сите граѓани и затоа протестите имаат голема важност во подигнувањето на свеста за потреба од сеопфатна акција.