Фронтекс со дополнителни сили ќе го контролира приливот на мигранти на Балканот

311
Фото: Игор Бансколиев

Темата за справувањето со мигрантите на Западен Балкан, а со тоа и во Македонија, по некакво затишје повторно се актуализира. Европската служба за контрола на надворешните граници на Унијата – Фронтекс најави распоредување дополнителен број свои припадници на границата на Србија, Македонија и на Албанија, во согласност со планот на ЕУ за контрола на надворешните граници.
Во тој контекст Германија, како дел од новиот план а како чин од стратегијата на Фронтекс, би партиципирала со дополнителни 1.300 полицајци, кои би биле распоредени на меѓудржавните граници низ регионот, но и во ЕУ со што би требало да им се помогне на другите гранични служби при патролите и при контролирањето документи.

Како што наведуваат германските медиуми, дополнителните сили на Фронтекс би биле опремени со авиони, бродови и со оружје каде што треба. Во практика, според извори од Брисел на кои се повикуваат германските медиуми, тоа би значело дека некоја членка на ЕУ што очекува пристигнување на голем број мигранти, би побарала помош од Фронтекс, кој потоа би ја презел комплетната процедура за постапување за азил, но конечната одлука сепак би останала на суверената држава.

Во исто време повикувајќи се на изјава на европскиот комесар за миграции, внатрешни работи и државјанство, Димитрис Аврамопулос, германски „Дојче веле“ пренесе дека со Србија, Македонија и со Албанија веќе се постигнати соодветни спогодби за помош од припадниците на Фронтекс на граничните полиции на трите земји. Еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан, потврди дека се преговара за пристап на Фронтекс на териториите на Србија и на Македонија, додека, според тврдењата од Брисел, тоа е веќе завршено.

Во таа насока Србија веќе се согласила да им обезбеди пристап на граничарите од Фронтекс. Планот е дел од стратегијата на ЕУ за зајакнување на контролата на границите и за зголемување на бројот на депортации.
На истата тема унгарскиот премиер Виктор Орбан неделава во народното собрание изјави дека Европската Унија сака од некои од нејзините членки да ја преземе одбраната на надворешните граници за да го олесни влезот на мигранти. Орбан, кој е противник на миграцијата, на отворањето на есенската седница на унгарскиот парламент рече дека бирократите од ЕУ „не сакаат да ја запрат миграцијата туку сакаат да управуваат со неа“. Унгарскиот премиер ја цитираше изјавата на германската канцеларка Ангела Меркел од 12 септември, кога рече дека земјите-членки на ЕУ треба да му препуштат некои свои овластувања на Фронтекс. Во истиот тој говор Меркел рече дека членките на ЕУ мора да го поделат товарот на миграцијата како знак на солидарност, на што тој се спротивставува.

– Нашата позиција за ова прашање е јасна, нашата татковина не е куќа низ која се поминува ниту прифатен камп. Доколку посакаме да се мешаме со другите култури и цивилизации, тогаш ќе се консултираме и ќе одлучиме за тоа – истакна тој.
Во меѓувреме безбедносниот експерт, Благоја Марковски, за „Нова Македонија“ коментирајќи ги извештаите на безбедносните организации што се занимаваат со стопирање на миграцијата во Европа, вели дека балканската бегалска маршрута засега е затворена, но и во исто време советува дека истата таа може да го смени својот колосек и за тоа треба да бидеме внимателни и во постојана координација со соседите и со ЕУ.
– Во актуелниот момент балканската маршрута на европската бегалска криза е навистина затворена. Меѓутоа, помали групи бегалци сѐ уште флуктуираат низ балканската маршрута, кои се обидуваат на илегален начин да поминат и да стигнат до ЕУ – вели Марковски. Безбедносниот експерт објаснува дека иако засега е затворен овој проток на мигранти кон Европа, постои постојана опасност бегалската маршрута да ја смени насоката па бегалците чие место на живеење се Либија и Северна Африка да создадат уште поголем бран мигранти, кои Европа досега го евидентираше од Сирија и од Ирак.

– Во овој момент Македонија мора да постапува како сите други европски земји што се соочуваат со проблемот. Мораме да бидеме внимателни бидејќи можеме да се соочиме со уште поголема бројка од онаа што ја доживеавме. Херметичкото затворање на границите и следењето на политиката на соседите ќе бидат клучни во справување со ситуацијата во целост – вели Марковски. Безбедносниот експерт на крајот заклучува дека ние не треба ништо поинаку да се однесуваме од сите, бидејќи според него не е можно ниедна земја посебно да ја реши ситуацијата самостојно, бидејќи тоа е глобален проблем и оттука глобално треба да се следи ситуацијата и да се преземаат заеднички мерки какви што всушност презема Фронтекс.