Фити: Реформите не смеат да се одложуваат

181

Реформата на основното образование треба да почне со радикално преиспитување на наставните содржини по одделни предмети и од нив треба да се исфрли се што е несуштинско и да се фокусираат на битните, трајните работи, рече академик Таки Фити по денешната дебата на членовите на Одделението за општествени науки на МАНУ и на Центарот за стратегиски истражувања на МАНУ со претставници на МОН, Бирото за развој на образованието и на работната група што ја изготви концепцијата за основно образование.

– Не можеме да ги отфрлиме фактите. Учениците мора да знаат факти, бидејќи науката се гради со факти, но тоа не е куп на факти, туку факти коишто се меѓу себе поврзани, причинско-последичните врски, критичко размислување во логична и конзистентна целина. Без тоа не можеме. Поврзување на работите, односно имплементирање на она што во тие национални стандарди, како што ги вика стратегијата, е означено како претприемништво. Но, не претприeмништвото како предмет, претприемништвото како филозофија на размислување и на однесување. Гледање на можности, откривање на можности, искористување на можности. Од најмали нозе тоа треба да се прави – рече академик Фити.

Фити посочи дека сите се согласиле дека реформите во основното образование се императив.

– Реформите не смеат да се одложуваат затоа што многу лошо стоиме и во поглед на длабочината на знаењата и во поглед на опсегот, значи и во поглед на квантитетот и квалитетот на знаења на нашите основци, споредени со оние на нивните врсници во високоразвиените земји, членки на ОЕЦД, и тука постојат факти, постојат меѓународни мерења коишто тоа апсолутно го потврдуваат и тој јаз има тенденција да се проширува. Затоа со реформи треба веднаш да се почне – посочи академик Фити.