Филипче: Со четири милиони евра од ЕУ се обезбедува јакнење на здравствениот систем

35

Министерот за здравство, Венко Филипче, вчера се сретна со Никола Бартолини – шеф на секторот за Програми за финансиска поддршка при Делегација на Европската Унија во Скопје. На средбата се разговараше за десетгодишната стратегија за развој на здравството со поддршка на ЕУ.

– Го финализираме стратешкиот документ – 10-годишната стратегија за развој на здравството, со поддршка на Европската унија. Со ова, ќе овозможиме унапредување на здравствената заштита, поголемо вложување и стабилен здравствен сектор. Исто така, во тек е финализирање на подготвоките за ИПА 3 програмата во секторот здравство. Станува збор за акциски документ преку кој ќе се реализираат проекти, активности во областите, унапредување на здравјето на мајки и деца, електронско здравство, како и подобрување на превенција и контрола на незаразни болести – кажа Филипче.

Со помош на ЕУ, додаде тој, се реализира проект за јакнење на здравствениот систем и брз одговор на заразни болести преку кој ќе се обезбеди опрема во вредност од околу 4 милиони евра.

Во изминатите месеци со справувањето со коронавирусот, здравствените установи во земјава од ЕУ добија 20 механички вентилатори, 20 монитори за интензивна нега, 626 сета за 31.300 тестови и близу 40.000 парчиња разна медицинска опрема, 30.000 заштитни маски за лице, 100.000 хируршки маски, 750.000 хируршки ракавици, 20.000 заштитни очила, како кислородни маски, филтри, катетри и други неопходни материјали за потребите на здравствениот сектор.