Филипче побара разбирање и поддршка за одлуките во образованието

30

Знам дека многумина сакаат и бараат учењето да се одвива поинаку и искрено сите ги разбирам. Но, како здравствен работник и прв одговорен во битката со пандемијата, барам разбирање и поддршка за сите здравствени одлуки кои ги донесовме во однос на образовниот процес, вели министерот за здравство, Венко Филипче, во видео обраќање до родителите, учениците и образовните работници по повод почетокот на учебната година.

Тој вели дека секоја одлука е базирана на примарната и најважна цел, заштитата на јавното здравје, заштитата на здравствениот систем и пребродување на кризата.

– Секоја одлука која ја донесовме е донесена со цел да се обезбеди добар, но и безбеден образовен процес. И ова е единствениот исправен пристап во услови кога нема идеално решение – потенцираше министерот Филипче.

Во своето обраќање, министерот Филипче истакна дека целосното отворање на училиштата кое го применија многу земји се покажало како исклучително голем ризик, а во неколку земји тоа значело целосен крах на системот и враќање кон силни рестрикции.

– Верувам дека никој не го посакува ова. Сите добро се сеќаваме каква штета на менталното здравје, економијата и целото општество донесоа рестрикциите. Тие се последното нешто што сакаме да го употребиме и затоа мора да бидеме многу внимателни. Сите ученици кои се враќаат во училишните клупи, нивните родители и наставниот кадар мора да бидат многу одговорни. Дури 600 училишта ја започнаа наставата со физичко присуство. Од учениците, родителите и наставниците очекувам максимално и доследно почитување на пропишаните мерки. Од сите заедно зависи дали ќе ја задржиме состојбата стабилна а со тоа и безбедно и квалитетно да ја поминеме учебната година. Драги деца, вирусот не е шега. Можеби за вас е помалку опасен, но е многу поопасен за вашите родители, баби и дедовци. Почитувајте ги препораките, слушајте ги наставниците и штитете го здравјето на сите. Јас верувам во вашата зрелост и одговорност. Вие може да бидете пример за возрасните и за целото општество. Кризата е време во кое созреваме, во кое растеме како одговорни личности. Ви посакувам успешна учебна година – рече министерот Филипче.