Филипче: Наградата за здравствените работници е инвестиција во иднината на државата

86

Вработените во здравствените установи коишто беа вклучени и сè уште се вклучени во работа со пациентите заболени од коронавирусот – доктори, медицински сестри, но и нездравствени работници, односно болничари, транспортери, возачите во службата за итна медицинска помош ќе добијат награда од 20 отсто од основната плата за два месеци. Начинот на исплата ќе биде со платежната картичка која се чека да биде подготвена од страна на министерството за финансии.

– Оваа награда е само дополнување на она на што веќе работиме подолг период во Министерството за здравство – вложуваме во човечкиот капитал, во јавното здравје, зошто знаеме дека само квалификуван и мотивиран медицински кадар е еден од основните предуслови за квалитетно здравство. Почнувајќи од 2018 година постојано вложуваме во вработените во јавното здравство и во споредба со декември 2017 година сега за илустрација само основната бруто плата на лекарот специјалист е зголемена за повеќе од 50%, на медицинските сестри за 33%, на општите лекари за 29%, а на здравствените соработници за 15%, не сметајќи ги наградите – изјави министерот за здравство, Венко Филипче.

Првото покачување на платите во јавното здравство беше во месец септември 2018 година, на 19.123 вработени во јавно-здравствените установи им се зголеми основицата за плата за 5%; во јануари 2019 година, следеше дополнително зголемување на платите на здравствените работници, доктори, медицински сестри, болничари, техничари, 5% за медицинските сестри, 8% на медицинските сестри на Клиниките и 10% за докторите специјалисти; и во септември 2019 година за 5% беше зголемена платата на администрацијата во здравството. Со зголемувањето на платите за февруари 2020 година на лекарите специјалисти за 25%, и на медицинските сестри за 10%, се заокружува циклусот на покачувања на плати во здравството.

– Иако ова е едно од најголемите покачувања на надоместоците во здравството со кои ги зајакнуваме професионалните капацитети на здравствените работници, тоа не го сфаќаме како трошок, туку како инвестиција во јавното здравство, но и во иднината на државата со оглед на тоа што имаме значителни подобрувања во сите сегменти на здравството, што директно ќе влијае врз одлуката на здравствените работници својата кариера да ја градат во нашето јавно здравство. Во мигови на здравствена криза како оваа која ја живееме денес, тоа се покажува како добра стратегија и инвестиција – додаде Филипче.

Министерот потсетува и дека во периодот откога е на чело на Министерството за здравство, дадени се повеќе од 5.000 согласности за вработувања во јавно-здравствените установи во земјава, а за 15% е зголемен капитациониот бод на матичните лекари од општа пракса, гинекологија и стоматологија и одобрени се повеќе од 1.000 специјализации и супспецијализации.