Филипче: Кај двајца нема корона, за третиот ги чекаме резултатите

276
Фото: Маја Јаневска-Илиева
Тестирања за коронавирус се извршени врз три лица кои се пријавиле на Клиниката за инфективни болести со симптоми на грип. Кај двете од нив резултатите се негативни, а за едното лице резултатите се очекуваат. Ова го истакна министерот за здравство Венко Филипче.
 
Се работи за македонски државјани кои периодов допатувале од Италија, а на Инфективната клиника денеска се пријавиле сами.
 
Тој рече дека во текот на денот ќе пристигне уште еден авион од Италија на Скопскиот аеродром. Како што посочи министерот, денеска почнува набавката на дезинфекциски средства за училиштата, како и дополнувањето на резервите на опрема што е заштитна опрема за медицинскиот персонал.
 
Филипче нагласи дека попладнево ќе биде донесена одлука дали ќе има изолација за сите патници од ризичните региони.
 
Министерот повторно апелираше да не се патува без некоја голема потреба во регионите каде има епидемија, посебно во северна Италија.
 
Запрашан дали ќе побара одложување на јавни манифестации, тој рече дека засега нема потреба, но може да дојде до тоа понатаму. Министерот нагласи и дека набавката на сапуни во училиштата ќе трае четири до пет дена и од понеделник веќе ќе можат да се дистрибуираат.