Филипче апелира граѓаните да ги откажат патувањата во Италија

42

По петте смртни случаи од коронавирус во Италија, министерот за здравство, Венко Филипче, апелира граѓаните да ги одложат сите патувања во северна Италија.

Министерот вели дека од денеска се преземаат мерки за откривање заболени од коронавирус на сите копнени гранични премини, а на аеродромите од денеска мерките се зголемени и се проверуваат сите патници што пристигнуваат, а не само патниците од Дубаи и Истанбул.

На копнените гранични премини сите патници ќе потполнуваат прашалници.

– Патниците ќе одговараат на прашања од каде доаѓаат, дали биле во контакт со заболени и доколку кај некого се утврдат симптоми веднаш ќе биде пренесен во посебна просторија за дополнителни испитувања – рече министерот Филипче.

На Скопскиот аеродром, термалната камера се поставува на локација од која ќе се следат сите патници кои пристигнуваат, а не како досега само патниците од Дубаи и Истанбул. Со безконтактен пиштол за мерење на телесната температура ќе се прави скрининг на патниците кои ќе пристигнат од ризични дестинации и на аеродромот во Охрид.

Доколку се јави потреба, како што посочува министерот, Инфективната клиника во Штип ќе функционира како објект за изолација.

Тестирањата на сомнителни случаи ќе се вршат на Инфективните клиники во Скопје и во Куманово, а Министерството за здравство информира дека во земјава има доволно реагенси за тестирање на коронавирусот.