Фаворит е оној што ќе си ја заврши зададената домашна задача

367

Франција е единствената земја што се противи на Македонија месецов да ѝ се одреди датум за почеток на преговорите. Во обид да се убеди Франција, во неделата реагираше и државниот секретар на САД, Мајк Помпео, кој побара од Париз да не го блокира пристапувањето на Македонија во НАТО и во ЕУ

Европската иднина на балканските земји неделава е главна тема во Унијата. Веќе од вчера Советот на ЕУ за општи работи, на заседанието во Луксембург го разгледува прашањето за почеток на пристапни преговори на државите. Потоа, до крајот на неделава, в четврток и петок, конечната одлука за почнување на пристапните преговори со ЕУ треба да биде донесена на состанокот на шефови на држави и влади на членките на Унијата во Брисел.
Во таа функција се очекуваше шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас до ЕУ и до НАТО вчера да ги испрати писмата со кои ќе ги информира дека Грција не се противи на европската и евроатлантската интеграција на Македонија.
Тој објасни дека за да има напредок исто така е „потребен позитивен договор на Советот за општи работи, а таму постојат тешкотии“, додавајќи дека има земји што се спротивставуваат во овој момент да се даде датум за почеток на пристапни преговори со ЕУ.
Франција е единствената земја што се противи на Македонија месецов да ѝ се одреди датум за почеток на преговорите. Во обид да се убеди Франција, во неделата реагираше и државниот секретар на САД, Мајк Помпео, кој побара од Париз да не го блокира пристапувањето на Македонија во НАТО и во ЕУ.

И премиерот Зоран Заев деновиве изрази надеж дека, како што рече, ќе омекне срцето на францускиот претседател Емануел Макрон и дека и Франција нема да се противи. Од друга страна, пак, во понеделникот високата претставничка за надворешни работи на ЕУ, Федерика Могерини, повторно ги повика земјите членки да го препознаат напредокот што го остварила Македонија.
– Знаете дека препорачавме отворање преговори со Скопје и со Тирана, овој процес мора да се заснова на заслуги, што значи дека кога има напредок, тој мора да биде признаен и да биде охрабрен и придружуван. Се надевам дека земјите-членки ќе ја донесат вистинската одлука – порача Могерини.
Австриската министерка за надворешни работи Карин Кнајсл во понеделникот изјави дека Македонија и Албанија ги исполнија задачите за преговори за отворањето преговори со Скопје и со Тирана.
– Не можам да зборувам во име на сите 27 земји, но во наши очи не станува збор да им се подари нешто на овие земји, туку ова е прашање на логика – изјави Кнајсл.
Министерката за одбрана, пак, Радмила Шеќеринска во понеделникот изјави дека она што ќе се случува во наредните две недели ќе има широки и долгорочни ефекти врз земјата и очекува позитивни одлуки за Македонија.
Во меѓувреме, главна тема на регионалните медиуми, разбирливо, беше која од балканските земји најбргу ќе напредува во патот за членство во Унијата.
Белградскиот весник „Блиц“ во својот темелен осврт на случувањата ги истакнува пречките и достигнувањата на секоја земја посебно околу процесот и забележува дека кога ќе се земе сѐ заедно, Македонија предничи пред другите држави од Западен Балкан во патот кон ЕУ.
Во текстот весникот го издвојува својот став дека Македонија најверојатно ќе биде пофалена за надминувањето на политичката криза во земјата и ќе бидат поздравени напорите на Владата за враќање на културата за политички компромис, подобрување на состојбата во судството, но и напредокот во ускладувањето на домашната и надворешната политика на земјата со онаа на државите од ЕУ.

Во остатокот од текстот, српскиот медиум истакнува дека зад Македонија, условно кажано, е Албанија, каде што сѐ уште од ЕУ има забелешки за проблеми со корупцијата и криминалот, потоа Србија, која треба да работи на дијалог со Косово и на подобрување на своите политики да бидат во согласност со Унијата. Во содржината на сторијата се истакнуваат пречките на Црна Гора, која иако има опипливи резултати во дејствувањето и спроведувањето на препораките на Брисел, таа сѐ уште треба да спроведе многу реформи, особено во делот на владеење на правото.
Според српските аналитичари, најмали шанси на патот кон ЕУ имаат Босна и Херцеговина и Косово, кои сѐ уште треба да работат на решавањето на големите прашања што ги мачат тамошните општества.
Според нив, за Косово во моментов најголем проблем се расчистувањето на убиството на Оливер Ивановиќ и нефункционирањето на Специјалниот суд за воени злосторства, а за БиХ, пак, најголемите проблеми лежат во лошата клима за економијата и неспроведувањето на единствена државна политика насочена кон ЕУ.
Слична констатација изнесува и балканскиот сервис на „Ал Џезеира“, кој, пак, истакнува дека до 2025 година поголемиот дел држави на поранешната Југославија во голема мера ќе го имаат трасирано својот пат кон Унијата.
– Веќе е сигурно дека државите од Западен Балкан нема да влезат заедно и одеднаш во Унијата. Тоа ќе се стори во повеќе наврати, а најдолу на листата се БиХ и Косово, кои претставуваат своевиден нов Кипар на Унијата – пишува „Ал Џезеира“.
Српскиот сервис на „Дојче веле“, пак, на оваа тема запрашува дали навистина на терен Македонија ја престигнува Србија на патот кон Унијата.
Во својот текст, „Дојче веле“ истакнува дека балканските држави се поделени во две групи, и тоа во група на држави што можат да влезат во Унијата (Србија, Македонија, Црна Гора и Албанија) и држави што нема да можат да влезат (Косово и Босна) поради многубројните нерешени прашања поврзани со државниот суверенитет и уставните определби.
Во својата анализа, пак, „Дојче веле“, рангирајќи ги земјите, истакнува дека Црна Гора е најголем фаворит за членство и додава дека Македонија е веднаш зад неа. За сите други држави медиумот истакнува дека им останува уште многу да одработат за да добијат почеток на пристапни преговори.