Учениците на распуст, е-Дневник пишува неоправдани

143

Учебната година заврши уште пред еден месец, во Министерството за образование и наука се изврши и министерска смена, со тоа што Арбр Адеми од заменик-министер стана министер, откако неговата претходничка Рената Треневска-Дескоска беше ротирана во Министерството за правда, а електронскиот дневник и понатаму продолжува да функционира. До крајот на јуни учениците ги добија и свидетелствата за завршената учебна година, но некои од родителите продолжија да добиваат СМС од електронскиот дневник дека нивните деца изостануваат од часовите, па дури и оценки по некои предмети. Ваквите училишни забуни во време на летниот распуст, како последица на грешка во електронскиот систем, не предизвикуваат големи последици, но, сепак, резултираа со голем број реакција на социјалните мрежи од страна на родителите.

– Немаме добиено некаква официјална забелешка, па дури ниту неофицијално укажување за функционирање на електронскиот дневник во текот на летниот распуст. Веројатно се работи за некакво ажурирање на системот, што секако ќе го провериме и ќе биде поправено – велат од Министерството за образование и наука, иако до затворањето на денешниот број на „Нова Македонија“ не добивме подетални информации на што се должи таквата грешка во системот.
Електронскиот дневник (е-Дневник) е проект на Министерството за oбразование и наука, кој има цел да ја подобри комуникацијата меѓу наставниците и родителите, да овозможи брз и едноставен увид во информациите од дневникот од страна на наставниците во училиштето, да овозможи централизирани и брзи статистички анализи од МОН и другите државни институции…

Електронскиот дневник во текот на неговото постоење во образовниот систем, веќе седум-осум години, и порано имал застои и создавал проблеми во работењето на наставниците. Уште претходната министерка за образование, Треневска-Дескоска најавуваше дека ќе се олесни пополнувањето на електронскиот дневник за наставниците.
– Со оглед на тоа што обврската за водење на електронскиот и на хартиениот дневник беше законска материја, мораше да се направат законски измени за да се олеснат одредени обврски на наставниците. Со измените на законите ќе се регулира сѐ во врска со електронскиот дневник – изјави во текот на март годинава поранешната министерка за образование Рената Треневска-Дескоска.