Уништен сомнителен инсулин од паралелен увоз

170

Министерството за здравство потврди дека е уништен инсулин, откако ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференција објави дека е уништен инсулин со валиден рок во вредност од 1,5 милиони евра. Сепак, велат од Министерството за здравство, станува збор за сомнителен инсулин од паралелен увоз набавен во времето на претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ и неговата вредност е 330 илјади евра, а не 1,5 милион евра.

ВМРО-ДПМНЕ треба да одговори пред граѓаните зошто набавувало сомнителен инсулин за граѓаните, а не да манипулира на сметка на здравјето на пациентите, се вели во соопштението на Министерството за здравство. Тие информираат дека уништувањето на инсулинот е од стоковите резерви и станува збор за инсулин набавен со паралелен увоз во време на ВМРО-ДПМНЕ, а неговото отстранување е направено со одлука на Владата.

-Нема да дозволиме нашите граѓани да користат сомнителен инсулин. Уништениот инсулин од паралелен увоз е вреден 330 илјади евра, а не 1,5 милион евра како што говорат во нивната прес-конференција. Еден од најголемите проблеми во здравството во владеењето на претходната Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ беше набавката на лекови со паралелен увоз и сомнителен квалитет – се вели во реакцијата.

Според нив, Владата направи суштински реформи во здравствениот систем. Со донесените измени и дополнувања на Законот за лекови и медицински средства, сега сите пациенти со дијабетес имаат оригинални инсулини со сертификат за квалитет.

-Пациентите користат квалитетни и оригинални инсулини. Не е како порано пациентите да не знаат каков инсулин примаат. Прашајте ги пациентите дали беа задоволни од инсулините од паралелен увоз со сомнителен квалитет и потекло. И прашајте ги сега, колку се задоволни од новите инсулини кои се оригирални. Воведовме три нови типови на инсулини, кои се најнова генерација на лекови. Со укинувањето на паралелниот увоз на лекови го загарантиравме квалитетот на инсулин и пациентите со дијабетес имаат најквалитетна терапија и во континуитет се снабдени со инсулин во соодветни рокови и со подобар квалитет. Апелираме до ВМРО-ДПМНЕ да престане да креира лажни вести и преку манипулации да собира дневно политички поени – се додава во реакцијата.

Сојузот на Здруженија на дијабетичари на Македонија (СЗДМ) ја поздрави ваквата одлуката на Владата и на Министерството за здравство.

-Ваквите одлуки треба да продолжат сѐ до уништување на последното инсулинско пенкало кое е со сомнителен квалитет од времето на паралелниот увоз. Благодарност до Министерството за здравство за тоа што конечно лицата со дијабетес 123.850 во нашата држава, можат да бидат сигурни во квалитетот на инсулините кои се набавуваат со гаранција за квалитет на истите – се вели во соопштението на Сојузот.