Туск нѐ пофали и рече да бидеме трпеливи

391

Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, му кажа на претседателот Стево Пендаровски дека сите членки не се навистина подготвени да донесат одлука која ќе го отпочне стартот на преговорите за влез во Европската Унија. Тој исто така рече дека постигнувањето консензус помеѓу 28-те земји знае да потрае и дека треба да се бидеме трпеливи и внимателни, пренесува „Асошиејтед прес“.

– Вие сторивте сѐ што се очекуваше од вас. Но, не се сите подготвени да донесат одлука со цел отпочнување на преговори во наредните денови. Прашањето денеска не е дали, туку кога. Малце сум внимателен, бидејќи понекогаш постигнувањето конзензус помеѓу 28 земји знае да трае подолго отколку што би сакал – изјави Туск.

Претседателот на Европскиот совет, меѓутоа, ја пофали Македонија за сработеното во последните две години, со цел тргнување на патот кон станување дел од европското семејство.

– Последните две години вашата земја ги даде сите политички сигнали што Европската Унија ги очекува од кандидатите за членство. Навистина, отворањето на пристапните преговори денес беше во центар на нашите разговори – кажа Туск.