Тројца загинати во превртен македонски автобус кај Лесковац

144

Автобус со македонски регистарски таблички во неделата утрото, околу 1.45 часот, излетал од автопат во близината на српскиот град Лесковац. Во несреќата три лица загинале, а триесетина други со повреди завршиле во болница

Три лица загинаа, а триесетина други се повредени во тешка сообраќајна несреќа, која се случила во неделата утрото, околу 1.45 часот, кога автобус со македонски регистарски таблички излетал од автопатот, ја пробил заштитната ограда и се превртел во близината на српскиот град Лесковац.
Веднаш по несреќата на терен пристигнале екипи на брзата помош од Лесковац и од Ниш и претставници на тамошната полиција. Со амбулантни возила повредените патници се пренесени во болниците во овие два града, а сите повредени, од кои некои потешко, се надвор од животна опасност.
Директорот на општата болница во Лесковац, Небојша Димитријевиќ, за српските медиуми изјавил дека три лица од повредените се со тешки телесни повреди и се пренесени на хирургија, а еден тешко повреден патник е пренесен на ортопедија.
Според него, другите патници со полесни повреди се згрижени на ургентното одделение.

Новинската агенција Бета јавува дека автобусот сообраќал на релацијата Битола – Виена и дека во него имало патници од повеќе градови од Македонија. Еден од повредените за агенцијата рекол дека не се сеќава на несреќата бидејќи сите патници спиеле, а кога се разбудил чул врискање и видел луѓе со крвави глави и раце. Набргу, според неговото сведочење, дошле брза помош и полиција, а потоа и пожарникари. На местото на несреќата увид извршил и заменик-обвинител од Основното јавно обвинителство во Лесковац.

Од македонското министерство за надворешни работи вчера информираа дека
автобусот, кој се преврте на автопатот кај Лесковац, Србија, е на превозник од Струга и е со регистарски таблички Еуротурс СУ 3325 АЦ.

Од МНР наведуваат и дека добиле информација дека засега е идентификувана една жртва, маж на возраст од 68 години и дека имаат потврда и за две жени оти се загинати, но дека истите тие не се идентификувани. Оттаму додаваат дека министерот за здравство Венко Филипче, генералниот секретар на Владата Драги Рашковски и претставник на амбасадата на Македонија во Белград се упатиле кон местото на несреќата.