Треба да добиете фер шанса во евроинтеграциите

139
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Петер Сијарто, министер за надворешни работи и трговија на Унгарија

Не е важно што мислиме ние, туку што мислат Македонците. Секако, ние ги цениме овие договори, затоа што тие помогнаа да се затворат некои историски предизвици, помогнаа за интеграцијата на земјата во НАТО, а се надеваме дека ќе помогнат и за интеграцијата на вашата земја во ЕУ. Но кога станува збор за другите аспекти на овие договори, претпочитам да оставам за тоа да суди македонскиот народ, вели унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто за договорите за добрососедство што Македонија ги потпиша со Грција и со Бугарија

Министерот за надворешни работи и трговија на Унгарија, Петер Сијарто, беше во посета на Македонија, на 24 јуни, по една нецела недела од одлуката на Советот на ЕУ да биде одложено за октомври доделувањето датум за земјава да ги почне преговорите за членство во Унијата. Еден ден по неговата посета на Скопје, во унгарскиот парламент беше ратификуван протоколот за македонското полноправно членство во НАТО. Целта на работниот состанок на унгарскиот министер Сијарто со македонскиот вицепремиер за европски прашања Бујар Османи беше да ги анализираат причините за таквата одлука на Советот на ЕУ и да ја понуди понатамошната поддршка на Унгарија во евроинтегративниот пат на нашата земја. Инаку, унгарскиот министер Сијарто на самитот на Унијата во Луксембург минатата седмица се искажа како најголем поддржувач на заложбата да се валоризираат македонските евроинтегративни заложби и веднаш да биде доделен датумот за почеток на преговорите. Тој вели дека таквата поддршка воопшто не е загрозена поради „отворените правни прашања“ во врска со азилот од Унгарија на поранешниот македонски премиер Никола Груевски.

Унгарија, како членка на Европската Унија, декларативно секогаш ја поддржувала нашата земја во нејзината евроатлантска стратегиска определба. Вие, господине министер Сијарто, имавте многу критичка изјава во Луксембург за односот на ЕУ кон нас, пред Советот на министри на ЕУ да се реши за одложување на одлуката за доделување датум за почеток на преговори. Според вас, како реално овој пат треба да ја читаме одлуката?
– Одлуката што ја донесовме во Луксембург, на европскиот самит, навистина беше срамна. Уверен сум дека заслуживте да добиете почеток на преговорите за членство во Унијата. Ние го следевме напредокот што го направи вашата земја во евроинтегративниот процес и сметаме дека оваа одлука за одложување на одлуката за почеток на преговорите е најлошата одлука што можевме да ја донесеме. Таквата одлука е против европските интереси, а сосема сигурно е спротивна на интересите и заложбите на Унгарија, како на економски, така и на безбедносен план. Сметаме дека аргументацијата за недостиг од време за разгледување на извештајот на Европската комисија е апсолутно смешна, бидејќи земјата има кандидатски статус во ЕУ веќе 14 години. Не гледам уште колку време е потребно да се разгледува напредокот. Од друга страна, сметам дека таквата аргументација претставува нефер игра за купување време, на прво место од Франција. Франција предложи извештајот на ЕК за напредокот на земјите-кандидатки да се објави по европските избори, што ѝ овозможи на Германија да се повика на моментот за недостиг од време за расправа во Бундестагот. Но, како член на унгарскиот парламент, речиси 17 години, можам да ви кажам дека ако треба да се убеди ЕУ-парламентот за позитивна одлука за датум за преговори, вие ги имате сите аргументи да го убедите. Навистина, во октомври веќе ќе стапи на должност новиот состав на ЕУ-парламентот, но на овој самит во Луксембург пропуштивме голема шанса. Кога велам пропуштивме голема шанса, мислам дека Европската Унија ја пропушти шансата.

Одложувањето на одлуката за добивање датум за почеток на преговорите за членство во ЕУ предизвика голема недоверба кај нашите граѓани и сомневање во позитивниот исход и во октомври. На што може ние да се потпреме како гаранција дека ќе почнеме во процедура да преговараме за својата европска иднина?
– Всушност, расправата на Советот на министри за општи прашања за Северна Македонија беше во тон дека треба да се поддржи напредокот на земјата и има услови да се даде зелено светло, но за конечната одлука сепак да се расправа во октомври. Но повторно ќе потенцирам дека ние (Унгарија) сме мошне незадоволни и разочарани од таквото одложување на одлуката. Се надевам дека нема да се случи ново одложување во октомври. Но мора да бидеме и реални, моментално групата во Советот на ЕУ што е резервирана (или против) за проширувањето е во малцинство. Поголемите западни европски земји во Унијата се повеќе критични или, да речеме, повнимателни во врска со проширувањето. Мислам дека за тоа има повеќе причини, но сметам дека најголеми се географската позиционираност и дистанцата на тие земји од Западен Балкан. Ние, т.е. Унгарија, сме лоцирани директно во соседството на Западен Балкан. Затоа знаеме колку е важно за овој регион да го види јасно својот евроинтегративен пат, за да може да оди напред и да ги надмине тензиите што беа присутни во изминатите декади. Ние, земјите од Централна Европа, имаме сопствено искуство како земји-кандидатки за членство во ЕУ и имавме многу блиска меѓусебна соработка во тој период, па знаеме дека европските интеграции помагаат за надминување различни тензии. Затоа не гледам зошто истата можност не би им се дала и на земјите од Западен Балкан. За време на министерскиот совет на ЕУ, многу колеги министри за надворешни работи се жалеа на растечкото влијание од другите актери на глобалната политика во регионот на Западен Балкан. Како одговор на таквите поплаки, предложив да се соочиме и бидеме конкурентни како Европска Унија на таквите влијанија во регионот. Само од нас зависи дали ќе се соочиме со таквиот предизвик. Нашиот одговор на таквите влијанија би требало да биде таков што ќе понудиме јасна и силна интегративна процедура за земјите од Западен Балкан. Без таква јасна поддршка кон регионот, можеме да плачеме за таквите туѓи растечки влијанија. Но претпочитам, наместо да плачеме, да дејствуваме со силна евроинтегративна поддршка.

Дали начинот на носење одлуки во ЕУ со консензус, кога една земја-членка може да стави вето на цел процес, е дополнителна пречка во интегративниот процес за нас, па и за другите земји од Западен Балкан?
– Во основа, консензуалната работна методологија на Европската Унија треба да овозможи секоја земја-членка да има еднакви права и тежина во носењето на одлуките во однос на надворешната политика, без оглед на нејзината големина. Сепак, мислам дека овој начин на носење одлуки е многу подобар за вас, бидејќи тежината на ветото на оние земји што се против проширувањето е иста како и на оние што се за проширување. Во случај на гласање со квалификувано мнозинство, што е предложено од земјите од Западна Европа, проширувањето на ЕУ ќе има многу помалку изгледи.