Традиционална крводарителска акција во „Ремедика“

259

Вработените во првата приватна општа болница, преку чинот на дарување крв, ја покажаа својата хуманост на дело

Традиционално, и оваа година, во пресрет на Светскиот ден на здравјето, 7 Април, и роденденот на првата приватна општа болница „Ремедика“, се одржа крводарителска акција во просториите на болницата. Во акцијата крв даруваа вработени во болницата, а преку чинот на дарување крв ја покажаа својата хуманост на дело.

– Втора година по ред учествувам во крводарителската акција. Ова е многу благородна работа, убави чувства се будат со самиот факт што знам дека некому ќе му спасам живот. Во ваквите акции хуманоста доаѓа до израз. Сметам и дека свесноста кај луѓето за дарување крв, генерално, расте – вели д-р Симонида Котларова-Попоска, спец. гинеколог акушер во болницата.

И Фросина Христова, медицинска сестра од одделот за хирургија, даруваше крв.
– Минатата година првпат бев дел од оваа акција. Убаво е кога човек помага на овој начин – рече Христова.

Д-р Весна Јанева од Институтот за трансфузиологија објасни дека крводарителството е популарно.
– Луѓето сакаат да даруваат крв, и тоа од сите интелектуални сфери, од сите возрасти. Процентуално, жените се повеќебројни дарители одошто мажите. Што се однесува до акцијата во „Ремедика“, има голем интерес. Крводарителството е хуман феномен – изјави д-р Јанева.

Оваа крводарителска акција стана препознатливо обележје за институцијата, која постојано вложува во процесот на промоција и унапредување на крводарителството.

Александра Валкановска од стручната служба „Црвен крст на град Скопје“ вели дека вработените во „Ремедика“ се позитивен пример на дарители од здравствениот сектор.
– Особено ни е драго што и „Ремедика“ е дел од големото семејство хуманисти-крводарители, кои преку нивниот придонес и традиционално организирање крводарителски акции даваат придонес во процесот на редовно снабдување со крв и крвни продукти, неопходни за нашите клинички центри. Вработените на „Ремедика“ се позитивен пример на дарители од здравствениот ресор – изјави таа.