Токсична опасност во фискалните сметки

1838
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Повеќе истражувања на европски релевантни здравствени институции предупредуваат дека постои прикриена токсична опасност токму во хартијата на која се печатат фискалните сметки, поради што таквите сметки се забранети во Европа. Станува збор за хемиската супстанција бисфенол А, која се наоѓа во хартијата на која се печатат фискалните сметки и директно влијае на здравјето на сите оние што се во допир со неа. Државните институции во Македонија се прогласија за ненадлежни во врска со токсичноста на фискалните сметки

Фискалните сметки што во Македонија масовно се скенираат и носат одредена финансиска добивка преку поврат на ДДВ во Европа и земјите од регионот се оценети како штетни по здравјето на луѓето. Имено, повеќе истражувања на европски релевантни здравствени институции предупредуваат дека постои прикриена токсична опасност токму во хартијата на која се печатат фискалните сметки. Станува збор за хемиската супстанција бисфенол А, која се наоѓа во хартијата на која се печатат фискалните сметки и директно влијае на здравјето на сите оние што се во допир со неа, особено оние што поради природата на својата работа сѐ почесто се во контакт со ваквата хартија. На ниво на Европската агенција за хемикалии, бисфенол А е класифициран како исклучително токсичен и штетен за човечкото здравје и од почетокот на годинава термичката хартија што ја содржи оваа супстанција, а на која се печатат фискалните сметки веќе не се употребува во ЕУ.

Сепак, и понатаму, оваа хемикалија во големи количества се користи на глобално ниво. Неколку милиони тони бисфенол А се појавуваат на пазарот, а во случајот на термичката хартија за фискалните сметки, оваа супстанција се додава како развивач на бојата. Повеќе истражувања покажале високи концентрации на присуство на бисфенол А во хартијата за фискални сметки, од 0,63 до 0,91 отсто, додека дозволеното ограничување за оваа супстанција е во концентрација од 0,02 отсто.

Освен во хартијата на фискалните сметки, оваа хемикалија е присутна и во картичките од паркинг-автоматите, во потврдите со броеви за чекање ред, во хартијата за ЕКГ… Кога станува збор конкретно за фискалните сметки, изложеноста на штетните материјали доаѓа преку кожата. Бидејќи бисфенол А се додава и во поликарбонатната пластика (пластична амбалажа што на себе има ознака 7), оваа хемикалија ја има и во шишенцата за вода за повеќекратна употреба.

Првата забрана поврзана со бисфенол А се однесувала на пластичните шишенца за бебиња, уште во 2011 година, особено поради загревањето и поради тоа што бисфенол А лесно се раствора во мастите и лесно преминува во млекото. Сега, таквата забрана сѐ повеќе се применува и за термичката хартија, а што се однесува до конзервите и лименките, бисфенол А го има во слојот за премачкување што се наоѓа на внатрешната страна.

За забрана на употреба на одредена супстанција е потребно да се направи процена на ризик, но не само на здравјето туку и т.н.социоекономска анализа. Па, така, за да се забрани бисфенол А во некои производи, потребно е да се има достапни и побезбедни алтернативи. Процената на ризикот што е правена во европската агенција за хемикалии е работена пред сѐ на најризичните групи, а тоа се вработените на касите, кои се секојдневно во контакт со фискалните сметки, но исто така и на сметководителите, фармацевтите и медицинскиот персонал. Во тоа истражување е докажано дека ризикот не може да се контролира, што било клучна причина да се донесе одлука за забрана. Подоцна, врз основа на таа студија, дојдено е до заклучок дека треба да се заштити целото население, особено бремените жени.

Бисфенол А ја намалува плодноста, влијае на развојот на плодот и претставува ендокринен дисруптор, што значи дека ја нарушува работата на хормонскиот систем и може да предизвика дебелина, дијабетес тип 2 и други нарушувања на метаболизмот. Затоа, на децата не треба да им се дозволи директен контакт со фискалните сметки, а на лицата што поради работа секојдневно се изложени на контакт со ваков вид хартија им се советува задолжително почесто да ги мијат рацете со вода и сапун пред земање храна, или да носат заштитни ракавици.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

Побезбедна термичка хартија на европскиот пазар е достапна уште пред неколку години, така што ЕУ подготвено ја дочека забраната, која стапи во сила на 1 јануари годинава. Во соседната Србија ваквата забрана за фискални сметки од термичка хартија со бисфенол А треба да стапи во сила од 1 јули.

Од друга страна, во Македонија и понатаму продолжува кампањата за скенирање фискални сметки со бисфенол А и не може да се утврди која институција е надлежна да го констатира и утврди присуството на оваа супстанција во фискалните сметки, за понатаму да се преземат соодветни постапки за заштита на населението. Од Агенцијата за храна и ветеринарство велат дека нивната надлежност завршува на утврдување на присуството на супстанцијата во директен контакт со храна, но фискалните сметки не се во нивна надлежност за контрола.

– По однос на присуство на бисфенол А во термичката хартија за фискални сметки, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) нема надлежност за контрола на фискалните сметки. Тие претставуваат предмети за општа употреба и нивната контрола е во надлежност на Државниот санитарен инспекторат. За присуството на бисфенол А во пластична амбалажа што доаѓа во директен контакт со храната, во согласност со измените и дополнувањата на европската регулатива 10\2011, која е транспонирана во националната легислатива, забранета е употребата на бисфенол А во производството на поликарбонатни шишиња и чаши за новороденчиња и мали деца. За другите пластични производи и епокси-смолите што се користат при производство на премази и облоги, а кои содржат бисфенол А, дефинирана е граница на специфична миграција на бисфенол А и таа изнесува 0,05 мг/кг – ни одговорија од Агенцијата за храна и ветеринарство.

Сепак, и во Државниот здравствен и санитарен инспекторат велат дека немаат надлежност за контрола на присуството на токсичната супстанција во фискалните сметки, но немаат претстава која друга институција би можела да го регулира овој сегмент на здравствена заштита на населението. Додека не се утврди надлежноста, се чини дека токсичната опасност и понатаму ќе демне од фискалните сметки, па се советува почесто миење на рацете со сапун и вода, додека оние лица чија дејност е поврзана со зачестен контакт со оваа термичка хартија препорачливо е да користат ракавици.