Тетовските ученици сѐ повеќе се запишуваат во стручни училишта

158
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Се смета дека променета е сликата кај средношколците и дека сѐ повеќе сакаат да посетуваат настава што ќе им овозможи да имаат стручен профил и сигурно вработување

Во тетовските средни училишта има поголема заинтересираност за стручното образование отколку за гимназија, велат од општинскиот сектор за јавни дејности. Се смета дека променета е сликата кај средношколците и дека сѐ повеќе сакаат да посетуваат настава што ќе им овозможи да имаат стручен профил. Ахмед Ќазими, раководител на секторот, смета дека состојбата ја покажува општинската политика посветена на потребите на пазарот на труд.

– Пред пет години процентот на запишани во гимназија беше 60 отсто, а 40 отсто беа во средно стручно образование. Сега, по пет години, имаме обратен процес на запишани ученици. Над 60 отсто од учениците се запишуваат во средните стручни училишта, додека другите одат на гимназиско образование. Тоа е резултат на строгите уписни политики во гимназиското образование и насочување на учениците во овие училишта. Како еден пример да земам дека во 2013 година во средното стручно училиште „Моша Пијаде“ имало запишано севкупно 130 ученици, додека минатата година бројот на ученици запишани во прва година во училиштево беше 270. Значи, двојно поголем број на ученици се запишаа во рок од четири години – објасни Ќазими.
Тој овие податоци ги објави на промоцијата на проектот „Образование за вработување“ на Швајцарската агенција за развој и соработка, што има за цел да ги поттикне вработувањата во земјата, преку подобрување на стручните вештини кај младите.

– Овие проекти, кои се за зајакнување на средното стручно образование, ние ги поздравуваме и се во полза на нашите образовни политики за зајакнување на квалитетот на образовниот процес, како и за зајакнување на средните стручни училишта – додава Ќазими.
Анета Дамјановска, координаторка за економски развој во Швајцарската амбасада, истакна дека во рамките на проектот со подобрено стручно образование на младите во Македонија им се нуди полесен пристап до пазарот на трудот, односно полесно вработување.

– Нема да ги опфатиме сите 14 сектори во Македонија, но во моментот работиме со три во услужни дејности и со три во производство. Ќе работиме и со здравството, угостителството, личните услуги, машинството, земјоделството и со преработката на храна. Тоа се сектори што во моментов се во пораст во Македонија. Работиме во сектори што креираат работни места, кои имаат перспективи за пораст, за да имаат можност да ги вработат младите луѓе што ќе имаат подобрени вештини – образложи Дамјановска.

Станува збор за долгорочен проект, со траење од околу десет години, за да има доволно време да се понудат решенија што ќе бидат прифатени од системот и понатаму ќе бидат одржливи.