Термалните камери на скопскиот аеродром ќе детектираат симптоми за коронавирусот

141

Нема простор за паника кога во прашање е коронавирусот, посочи министерот за здравство, Венко Филипче, по состанокот со Комисијата за заразни болести. Тој потенцираше дека Македонија нема директни летови со Кина, регионот каде е епицентарот на коронавирусот, што значи дека луѓето кои доаѓаат од таму веќе поминале неколку скенери, на различни аеродроми.

– Станува збор за вирус кој има многу слични симптоми како грипот, може да помине со лесна и средна форма, но има и тешки форми кои предизвикаа смрт кај пациенти. Тоа се пред се, постари пацинети со намален имунитет и со хронични заболувања. Во однос на пристигнување на вирусот преку робата, епидемиолозите сметаат дека тоа практично е невозможно. Ние ќе превземеме превентивни мерки. Патниците од летовите од Истанбул и Дубаи, кои имаат врска со Кина, ќе се скенираат со термалната камера. Нашиот аеродром согласно последните евалуации, има највисоко ниво за детекција и рано препознавање, рана изолација, доколку кај евентуалните пациентите се најдат вакви симптоми. Ќе бидат активирани и лекарски екипи кои ќе прават преглед. Се очекува и лажно позитивни резултати, бидејќи е сезона на грипови – потенцираше Филипче.

Утре ќе биде објавен и телефонски број, каде можат да се јават лица кои сметаат дека ги имаат симптомите на корона вирусот, со цел да не се јавуваат кај матичните лекари, туку кај стручните медицински екипи кои ќе бидат ангажирани.