Татковците лежат во болница со децата, но во друга просторија

Директорите на двете болници за деца во метрополата, доктор Ангелчо Андоновски од Институтот за белодробни заболувања кај децата-Козле и докторка Катарина Ставриќ од Клиниката за детски болести-Скопје, велат дека на татковците никој не им забранува да лежат со своите деца во болница, но тоа, сепак, да биде во друга просторија

Мултиетничноста со која толку се гордееме и која долги години ја негуваме во нашето општество не може и не смее да опстојува само во книгите, на двојазичните табли и во политиката. Нејзиното постоење најдобро може да се види во секојдневните пори на општеството, во училиштата, во мултиетничките населби, помеѓу соседите, во продавниците, но и во болниците.
Неодамна на социјалните мрежи остро беа критикувани болниците каде што децата што лежат со придружба не можат да лежат со своите татковци, односно и да треба да лежат со нив, потребно е да се помине низ одредена процедура, како и родителот да се премести во посебна просторија. Тоа е така од причина што во просторијата каде што лежат повеќе деца со мајки, има и жени од други националности на кои религијата не им дозволува да се наоѓаат во иста просторија со маж.

– Не му беше дозволено на сопругот да лежи во болница со детето, мораше да доплаќа средства за да користи друга просторија ако сакаме тој да биде со детето во болницата. Каква е оваа дискриминација? Зошто да не може таткото да лежи во болница со детето? Зарем само мајката му е родител на тоа дете – револтирано прашува Марија Х., мајка чие дете имало потреба од медицинска нега со престој во болница.

Како нејзина поддршка се јавија многу жени што мислат дека татковците се дискриминирани, дека треба некако да се смени состојбата за и тие рамноправно да можат да бидат со своето дете во болница.

Меѓутоа, директорите на двете болници за деца во метрополата, доктор Ангелчо Андоновски од Институтот на белодробни заболувања кај децата-Козле и докторка Катарина Ставриќ од Клиниката за детски болести-Скопје, велат дека на татковците никој не им забранува да лежат со своите деца во болница, но тоа, сепак, да биде во друга просторија.

– Таквите случаи, кога таткото треба да лежи со детето во болница, ги сместуваме во други простории, односно во апартмани. Треба да се разбере дека ние сме мултиетничко општество, кај нас во болница лежат од сите националности, па не е згодно за жените покрај нив да има и маж. Не е само мултиетничноста тука. Имаме млади мајки што дојат, на кои не им е згодно да го прават тоа пред маж. Едноставно, такво општество сме – вели директорот на Институтот за белодробни заболувања кај децата-Козле, доктор Ангелчо Андоновски.

И директорката Катерина Ставриќ од детската клиника вели дека исклучок е кај нив да лежи татко со дете, но ако е тоа случај, и кај нив се сместува во друга просторија.

– Ретки се тие случаи, но кога ги имаме, ги сместуваме во друга просторија, бидејќи не е згодно да лежат во просторија со жени. Сепак, имаме пациенти од муслиманска вероисповед, кога на жените воопшто не им е згодно да ја делат собата со маж. Сепак, на крајот на краиштата, станува збор за жени со деца, на кои не им е згодно да ја делат собата со маж – вели Ставриќ.