Сѐ уште не е деактивирана заканата од опасните хемикалии во Скопје

88
Фото: Игор Бансколиев

Транспортот на винил хлоридот од ОХИС чека погоден момент

Неодамнешната експлозија во Бејрут, предизвикана од експлозија на несоодветно складиран амониум нитрат, во која загинаа над 100 луѓе, а над 4.000 беа повредени, ги загрижи скопјани за состојбата на складираните опасни хемикалии останати во кругот на ОХИС, иако, според познавачите на состојбите, при евентуална хаварија на цистерната со винил хлорид во ОХИС, постои опасност од ослободување токсични материи во воздухот, но не и од експлозија

Глобалната пандемија на ковид-19 ја одложи посетата на француските и италијанските инженери што требаше да ја утврдат состојбата на цистерната со винил хлорид во кругот на фабриката ОХИС, со што и натаму останува опасноста од можно загадување на воздухот на овој дел од градот при евентуална хаварија.

Неодамнешната експлозија во Бејрут, предизвикана од експлозија на несоодветно складиран амониум нитрат, во која загинаа над 100 луѓе, а над 4.000 беа повредени, ги загрижи скопјани за состојбата на складираните опасни хемикалии останати во кругот на ОХИС, иако, според познавачите на состојбите, при евентуална хаварија на цистерната со винил хлорид во ОХИС, постои опасност од ослободување токсични материи во воздухот, но не и од експлозија.
– Доколку попуштат вентилите на цистерната во ОХИС, винил хлоридот нема да експлодира, туку ќе има емисија на токсична супстанција што го контаминира воздухот – појаснува Трајче Стафилов, професор на Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет.

Во моментот околу 14 тони винил хлорид остануваат да чекаат во дворот на ОХИС сè додека не дојдат експерти од фирмата „Куриум“ од Франција, за да биде безбедно преточен во нови буриња и транспортиран на уништување во Германија.
Според првичните планови, препакувањето на винил хлоридот во специјални буриња под притисок требаше да се случи на почетокот на март, кога температурите се најпогодни за ваквата активност, со оглед дека оваа хемикалија не треба да се изложува на температури повисоки од 20 степени. Но затворањето на границите поради ширењето на коронавирусот ги одложи сите активности.
Најавите се дека операцијата за дислокација на винил хлоридот и негово уништување во Германија ќе продолжи во моментот кога временските услови и епидемиолошката состојба во земјава ќе го дозволат тоа.

Компанијата „Екоцентар 97“ има нотификација за прекуграничен транспорт на опасен материјал со важност до 31 март идната година.
– Државниот инспекторат за животна средина континуирано врши инспекциски надзори во врска со управувањето со опасниот отпад во ОХИС и негов извоз надвор од нашата држава и истовремено ги информира сите засегнати субјекти и граѓани (во комплексот ОХИС постојат повеќе приватни субјекти што вршат дејност и работат со надворешни странки) што ќе се најдат во кругот на поранешната фабрика ОХИС во Скопје целосно да ги почитуваат безбедносните мерки за движење и знаците за известување и опасност – информираат од Државниот инспекторат за животна средина.

Во рамките на проектот од минатата година до март годинава се транспортирани речиси 64 тони опасни хемикалии, во кои има метанол, акрилонитрил мономер и непознати хемикалии. На 15 март требаше да се реализира и последната пратка во инсенераторот „Валорек сервисис“ во Базел, Швајцарија, со остатокот од 4,6 тони иницијатори и 5,2 тони непознати хемикалии, кои веќе се спакувани во специјални АДР-буриња и се чуваат во магацините на ОХИС.

Во април минатата година беа санирани и 81 боца и еден контејнер под притисок со хлор од страна на специјализирана компанија од Србија, при што хлорот беше извлечен од садовите со процес на дегазација и соодветно третиран.


Токсичниот облак од Бејрут може да ја загрози и Македонија

Воздушните маси што ги носат честиците на нитратот ослободен во експлозијата во Бејрут може да стигнат и до подрачја оддалечени илјадници километри, со што под опасност е речиси цела Европа, вклучувајќи ја и Македонија.
Добра вест е што изминатите денови има врнежливо време, па така не би требало да има опасност за Македонија од загадување на воздухот, иако отровните честички би можеле да стигнат и над овие простори.

Нитратите се поврзуваат со појавата на рак, особено на рак на желудникот и на дебелото црево, може да предизвикаат Паркинсонова болест и Алцхајмер. Она што е особено опасно, од тоа количество од шест илјади тони при експлозијата во Бејрут се ослободени 3.700 тони чист нитрат, опасна супстанција што сега се наоѓа во воздухот. Таа се наоѓа во форма на најситни честички, кои најдолго остануваат во воздухот и може да патуваат далеку, носени од воздушните струења. Во атмосферата може да опстанат со денови и недели.

Ако наидат на некој предел каде што врне дожд, тие ќе паднат на земјата, но доколку станува збор за суво време, тогаш овие честички се опасни.
Луѓето од ваквата токсична закана најдобро може да се заштитат со ставање каква било крпа или газа натопена со вода преку устата, бидејќи нитратите лесно се раствораат во вода.