Судскиот совет испрати барање до Врховниот суд да ја преиспита казнената политика за кривични дела од областа на сообраќајот, како највисок суд кој според Уставот обезбедува единство во примената на законите и воедначување на судската практика.

– Согласно член 101 од Уставот, Врховен суд обезбедува единство во примената на законите од страна на судовите. Врховниот суд преку обезбедување единство во примената на законите ја воедначува судската практика. Затоа е формирано одделение за воедначување на судската практика во рамките на Врховниот суд. Заради постигнување на оваа цел, согласно член 37 од Законот за судовите се предвидени начелни ставови и начелни правни мислења за обезбедување единство во примена на законите. Тргнувајќи од стратешката цел на Судскиот совет за враќање на довербата на граѓаните во судовите и зачестените реакции во врска со актуелни предмети по однос на изречени санкции од областа на сообраќајот, особено за кривичното дело „Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“, Судскиот совет укажува на невоедначена судска практика по однос на казнената политика. Оттаму и потребата да се приспита казнената политика, односно да се обезбеди единство во примената на законите – наведува Судскиот совет во дописот до Врховен, напоменувајќи дека вакво барање е испратени и во септември минатата година.

Барањето било поттикнато од невоедначената судска практика и од поднесените голем број претставки од граѓани до Судскиот совет во врска со изречени санкции за кривични дела од областа на сообраќајот.

Барање со слична содржина од страна на Судски совет е испратено и до апелационите судови во Скопје, Битола, Штип и Гостивар, со цел и тие да се вклучат во процесот на воедначување на казнената политика.

Згора, членови на Судскиот совет, во својство на координатори на судови, ќе направат увид во неколку предмети од областа на сообраќајот, а за кои во последно време има реакции во јавноста.