Стравот од коронавирусот е (не)основан

460

Стравот меѓу македонските работници на кинеската компанија „Синохидро“ не го намалува ниту тоа што нивните кинески колеги, по враќањето од татковината, меѓу другото, 14 дена треба да поминат во карантин

Како што се ближи денот за враќање на работниците на кинеската компанија „Синохидро“ од одмор во татковината така расте загриженоста кај нашите работници што заедно со нив се ангажирани во изградбата на автопатот Кичево – Охрид. Некои од нив дури имаат намера да ја напуштат работата од страв од можна зараза со коронавирусот, кој зимава се појави токму во Кина, а во покраината од каде што доаѓаат кинеските работници досега се регистрирани над сто случаи на заболени. Стравот не го намалува ниту тоа што работниците од „Синохидро“, пред враќањето во Македонија, 14 дена треба да поминат во карантин, како една од дополнителните мерки за претпазливост за справување со ширење на заразата од коронавирусот, кои неодамна ги утврдиле министерот за здравство Венко Филипче и амбасадорот на Народна Република, Кина Џанг Ѕуо.

– Најавите дека деновиве од родната Кина, каде што беа на зимски одмор, ќе се вратат некои од вработените на „Синохидро“ кај нас предизвикаа оправдан страв, вознемиреност и неспокој, бидејќи се работи за вирус што е лесно пренослив и опасен по нашето здравје. Ако се има предвид и фактот дека во провинцијата од каде што доаѓаат работниците на „Синохидро“ има над сто регистрирани случаи на заразени со овој вирус, тогаш стравот е повеќе од оправдан. И покрај сознанието дека работниците што треба да се вратат во земјава се наоѓаат во двонеделен карантин, сепак и овој факт не нѐ прави да бидеме апсолутно сигурни и целосно заштитени од овој опасен вирус. Соочени со овој животозагрозувачки проблем, дури помислуваме и да ја напуштиме компанијата, бидејќи животот е поскап од секакви пари, а имаме и семејства за кои треба да водиме грижа – велат повеќемина овдешни работници во оваа компанија.

Тие посочуваат дека во оваа фаза од изградбата на автопатот не се неопходни работниците од Кина, бидејќи нивната главна работа се однесуваше на тунелите, кои се речиси целосно завршени.
Од Центарот за јавно здравје – Битола добивме информација дека се прават сите подготовки за да нема опасност од пренос на вирусот од страна на кинеските работници.

– Од првите луѓе на Министерството за здравство имаме информација дека кинеските работници што треба да се вратат во земјава ќе бидат во двонеделен карантин и дека со самото влегување во Македонија најпрво ќе бидат проверени на термалната камера на скопскиот аеродром, а потоа ќе биде следен нивниот натамошен пат. При средбата со нашите вработени во „Синохидро“ им беше посочено, ако во кој било случај имаат сомнеж дека некој од Кинезите е заболен, итно да информираат за болниот веднаш да биде пренесен на инфективното одделение во Скопје.
Исто така, на нашите вработени им укажавме при внес на храна задолжително да ги мијат рацете и да одржуваат редовна хигиена, а при физички контакт со кинеските работници задолжително да носат маски – вели д-р Тони Коњаноски, епидемиолог од Центарот за јавно здравје – Битола.

Инаку, од новиот тип коронавирус, кој научниците пред некој ден го нарекоа ковид-19, досега починаа над 1.700, а заразени се повеќе од 70.000 луѓе во Кина, а заразата во изминативе неколку недели се прошири речиси низ целиот свет. Особено е драматична ситуација на крузерот „Дајмонд принцес“, закотвен во близината на јапонскиот град Јокохама, каде што според јапонското министерство за здравство, на бродот, во кој има 3.711 патници и членови на екипажот, до вчера беа заразени 454 лица, меѓу кои и еден од тројцата присутни Македонци.