Стоп за паметните телефони и во нашите училишта?

254
Фото: Игор Бансколиев

Во пресрет на први септември, сериозните просветни системи го забрануваат паметниот телефон во училиштата

Професорите не можат да одржат час зашто учениците висат на телефон за време на часовите и наставата. Ако телефонот не им е во рака, ги фаќа паника. До тој степен се зависни, што се случува да прашуваат „каде ми е телефонот“ додека го држат в рака. На часовите зјапаат во нив, но и на големите одмори. На час немаат тетратка, немаат пенкало, но телефон мора да се има. Се губи многу од квалитетот на наставата. Не поминува час без да му се обратам некому со „тргни го телефонот“. Денешните генерации развиваат социопатски елементи, бидејќи живеат во тој свет на агресија што постои на социјалните мрежи. Ова мора да запре, вели Флорита Ерновска, професорка во „Здравко Цветковски“

Француските ученици од претстојната учебна година ќе мораат да ги остават дома своите паметни телефони и уреди или да ги исклучат додека се на настава. Ваквата одлука на француската влада се однесува на децата на возраст од три до 15 години. Раководствата на училиштата за средно образование со ученици на возраст од над 15 години, ќе можат самостојно да изберат дали да ја усвојат телефонската забрана или не.

– Знаеме дека постои феномен на зависност од екран, феномен на лошо користење телефон. Нашата главна цел е да ги заштитиме децата и адолесцентите. Тоа е фундаменталната улога на образованието, а овој закон е во таа насока – изјави францускиот министер за образование Жан-Мишел Бланкер.

Оваа мерка не чини пари, а има големи придобивки. Дали и кај нас може да се примени ваква забрана? Додека чекаме одговор од министерот Арбер Адеми, разговаравме со професори што предаваат во средно образование, кои сведочат за тоа какви, всушност, тешкотии имаат на дневна основа заради учениците што постојано висат на своите телефони за време на часовите.

– Учениците не се присутни на часот. Ако телефонот не им е во рака, ги фаќа паника. До тој степен се зависни, што се случува да прашуваат „каде ми е телефонот“ додека го држат в рака. На часовите зјапаат во нив, но и на големите одмори. На час немаат тетратка, немаат пенкало, но телефон мора да се има. Се губи многу од квалитетот на наставата. Не поминува час без да му се обратам некому со „тргни го телефонот“. Денешните генерации развиваат социопатски елементи, бидејќи живеат во тој свет на агресија што постои на социјалните мрежи. Тоа мора да запре – вели Флорита Ерновска, професорка по македонски јазик во средното стручно училиште „Здравко Цветковски“ .
Како што истакна Ерновска, проблемот е во тоа што зависноста од екранот ги прави децата многу поагресивни при обидот на професорот да им го одземе додека трае часот.

– Го користат за препишување. Постојано им е во рака, телефонот едноставно мора да е на училишната клупа или во раце. Постојано се зборува дека ќе се стават блокатори, да нема Интернет за да не можат да препишуваат и да не можат да комуницираат, но сѐ уште нема ништо од тоа. Телефоните ги прават децата агресивни. Проблемот е што ученикот станува агресивен ако му кажеш дека ќе му го одземеш телефонот до крајот на часот и затоа многу мои колеги, за да избегнат конфликти, не им ги одземат. Телефоните навистина пречат во наставниот процес, создаваме деца зависни не од уредот како средство за комуникација, туку од игрите и од Фејсбук, Инстаграм. Не комуницираат во живо, асоцијални се. До таа мера претеруваат што во писмените работи употребуваат знаци, смајлиња или некакви скратеници – додава Ерновска.
Главниот проблем, според неа, е во домот, каде што се одвива главниот воспитен процес.

– Родителите за да покажат колку се добри родители, колку се на некое високо материјално ниво, им купуваат ајфони и други скапи уреди и мислат дека со тоа нивните деца достигнуваат некаков престиж во околината. Проблемот не е во децата туку е токму во родителите. Кога се обидуваме да им укажеме дека нивните деца постојано се отсутни ментално заради телефонот, најчесто добиваме одговори од нив дека такво било времето, ново, дека мораат да им купуваат на децата. Речиси сите се однесуваат заштитнички кон своите деца, речиси никој не вели „во ред, ќе преземам мерки“. Во таков случај, јас како професорка сум немоќна да ги поправам работите – нагласува професорката, која повеќе од 20 години предава во средно образование.


Децата ни се номофобични

Во Европа и во светот расте бројот на тинејџери што се номофобични, односно имаат страв од фактот дека нема да можат да го користат својот паметен телефон или некој друг паметен уред. Една анкета спроведена во Велика Британија покажала дека 66 отсто од испитаниците имаат некаква форма номофобија, а 41 отсто од испитаниците изјавиле дека имаат два или повеќе телефони за да останат поврзани на Интернет.
Како што се зголемува бројот на зависници од паметни телефони и од Интернет, така растат и негативните ефекти врз човечките мозоци. Една студија направена во Јужна Кореја, спроведена на тинејџери, покажала дека нивниот мозок има повисоки нивоа невротрансмитери што ги забавуваат невроните, што резултира со намалени нивоа на контрола и внимание.