Стариот систем за заштита од град не функционира, нов ни на повидок

116
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Стариот систем за противградобијна заштита се укина пред десетина години, најмногу поради недостиг од кадри, застареност на системот, како и поради немањето производител на ракетите во земјава

Веќе десетина години во државата не постои систем за противградобијна одбрана, што резултира со големи материјални штети по различна основа, најмногу кај земјоделците. Градот за кратко време ја уништува нивната мака, така што, наместо профит, тие бележат само загуби.

Невремињата проследени со град ги погодуваат и градските средини, предизвикувајќи материјални штети врз покривите на куќите и оштетувајќи ги автомобилите.

– Пред околу четири години силно невреме проследено со град го погоди скопско Ново Лисиче. Градот беше толку голем, што ми направи оштетувања на сите ролетни, како и помали оштетувања на автомобилот – вели Зоран Ј., жител на Ново Лисиче.

Тој додава дека за пет минути колку што паѓал градот, обелеле сите тревници, а била уништена и хортикултурата во блискиот парк.

– Порано се сеќавам дека се истрелуваа ракети, но сега очигледно никој повеќе не води сметка за заштита од ваквата непогода – додава Зоран.

Се чини дека земјоделците се најмногу погодени од непостоењето систем за заштита од град, па постојано апелираат да се врати противградобијната одбрана.

– Мора итно да издејствуваме да се врати градобијната одбрана. Станавме ризично подрачје и додека не ја добиеме таа заштита, тешко дека ќе го спасиме родот. Таа заштита мора да се врати, друг начин нема, затоа што осигурителните компании само ги компензираат штетите. Додека не ја добиеме таа градобијна одбрана, не можеме да продолжиме со производството – велат овоштарите од Преспанско.

Од Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство, велат дека интензивно работат на мерки со кои ќе се заштити земјоделското производство од штети од временските непогоди, конкретно од град.
– Во моментов е во завршна фаза воспоставувањето модерно решение за градобијна заштита. Новиот систем за градобијна заштита предвидува контрола на климатските услови преку таканаречено засејување. Тоа подразбира надлетување на небото на територија на Република Северна Македонија со специјално опремени авиони, кои ќе испуштаат раствор за спречување формирање мраз во облаците. За таа цел Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, ќе обезбеди 1,5 милион евра за спроведување постапка за јавна набавка од страна на Управата за хидрометеоролошки работи за избор на компанија – се вели во соопштението од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Оттаму посочуваат дека и натаму на земјоделците на располагање им стои мерката од Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2019 година за кофинансирање на трошоците за премијата за осигурување за надоместок на штета врз земјоделското производство во висина од 60 отсто.

Пред десетина години беше укинат стариот систем за противградобијна заштита, кој функционираше со истрелување на противградобијни ракети во градоносните облаци.
– Овој вид противградобијна заштита се укина пред десетина години, најмногу заради недостиг од кадри, застареност на системот, како и поради немањето производител на ракетите во земјава – вели Коста Лазароски, државен советник за координација во системот за управување со кризи при УХМР.

Тој додава дека за ваквата одлука придонеле и други фактори, како отворањето на македонското небо за летовите на авионите, приватизацијата на земјиштата, ширењето на населените места…

– Лансирањето на овие ракети беше опасна и одговорна работа, пред повеќе години дури имавме и смртен случај во Кавадарци. Месечно се плаќаше по 25 евра по човек што го вршеше испалувањето на ракетите, па поради малата сума, никој повеќе не се нафаќаше да ја врши оваа комплицирана работа. На Запад овие системи ги нема, таму како заштита се користат заштитните мрежи и осигурувањето. Тоа засега е единствена ефикасна заштита и кај нас – нагласува Лазароски.

И искуствата од соседството се слични. Засега само Србија го користи системот на противградобијна заштита со ракети, но и таму има недостиг од кадар бидејќи хонорарите што се исплаќаат се премногу мали. Грција го користи системот со засејување, додека поразвиените земји како Франција и Италија, овоштарниците и лозовите насади ги заштитуваат со мрежи, а паралелно и ги осигуруваат во осигурителните компании по основа од штети причинети од град.

sasho.t@novamakedonija.com.mk